Огромен мурал во Даблин за поддршка на истополовите бракови

Граѓаните во Даблин беа воодушевени кога во саботата наутро забележаа огромен мурал на зграда од една од главните улици во центарот на градот. На него се прикажани две прегрнати момчиња. Непосредно пред националниот референдум за истополови бракови, новиот мурал ја означи зголемената поддршка за браковата еднаквост.

За да се направи овој чекор биле потребни 12 часа при обилен дожд. За земја која единствено ја декриминализираше хомосексуалноста во 1993 година, референдумот претставува огромен чекор кон еднаквоста, но предизвика и дебата во традиционалната католичка нација.

Ирскиот уличен уметник, Џо Каслин, кој воедно е и учител, го создаде делото заедно со фотографот Шон Џексон и тим од стилисти и монтери. Уметникот бил инспириран од класична ирска слика која била преработена со цел овој мурал да прикаже современа љубовна приказна.

„Сакав да се долови прегратката што е во него, нежноста што е во него, љубовта што е во него и да се замени хетеросексуалниот пар со хомосексуална двојка“, вели Каслин.

Сликата првично била фотографија од два модели кои се прегрнуваат, раскажува авторот. Потоа, со додавање на визуелни метафори тој ја претворил во оригинално уметничко дело. Фотографиите на неговиот Инстаграм профил ги покажуваат деталите од цртежот на кој бил видно претставен прстен на дланката на едниот модел.

Прстенот, кој претставува традиционален ирски симбол ја изразува љубовта, пријателството и лојалноста. Каслин вели дека сакала муралот да го одрази сегашното ирско општество што кај многумина граѓани доби позитивни реакции.

„Поминавме неверојатно долг пат за краток временски период. Овој референдум е шанса за Ирска да даде пример за другите земји. За мене, тоа значи конечно да се третираат еднакво моите пријатели и семејство. Се работи за прикажување на младите ЛГБТ луѓе дека законот и владата ги поддржуваат. Се работи за еднаквост и се надевам дека овој мурал ќе послужи како потсетник за сите да излезат и да гласаат“, вели Роизин О’Доерти.

Референдумот во Ирска за истополовите бракови ќе се одржи  на 22 мај. Анкета за јавното мислење која беше објавена во јануари покажа дека „за“ истополови бракови биле 76 проценти од гласачите.

Тимот кој стои зад муралот сега има планови да направи женска верзија на истата слика, за да претстави уште еден аспект на ЛГБТ заедницата. Каслин се надева дека ќе успеат да го завршат за две недели.