„Оффест“ започнува со концерти на Кетрин Финч, Секу Кеита и Крсте Роџевски

Со концертите на Крсте Роџевски, Кетрин Финч и Секу Кеита, вечер од 20 часот во МОБ започнува 18-то издание на фестивалот „Оффест“.

Според организаторите, извонредниот и од критиката фален и неколку пати наградуван тандем составен од двa авантуристички музички виртуозa – велшката харфистка Катрин Финч и сенегалскиот кора мајстор Секу Кеита – гарантира врвно музичко доживување од светски ранг.

„Црпејќи инспирација од сопствените различни традиции, трансформирани со импресивна синергија, Катрин и Секу стекнаа висок углед со своите брилијантни настапи. Откако постигнаа огромен успех со деби албумот ‘Clychau Dibon’ (2013), нивниот долгоочекуван втор албум ‘Soar’ се појави во 2018 година, по што следеа неколку големи турнеи. Албумот патува на крилјата на оспри (орел рибар), прекрасна птица грабливка што неодамна се врати во Велс по неколкувековно отсуство, прелетувајќи 3000 милји во текот на една година од западноафриканскиот брег до речните устија на Велс, извишувајќи се, како музиката и сништата, над сите граници што ги поставил човекот. Волшебна, фасцинантна, комплексна и рафинирана, ова е исклучителна музика и возбудливо искуство во живо. Апсолутно хипнотичен и уникатен брак на култури“, се вели во најавата за концерот.

За Крсте Роџевски, пак, најавено е дека ќе настапува во состав со Мери Халворсон на гитара, Кирк Кнуфке на труба, Томека Рид на чело, Мајкл Бланко на контрабас и Тома Фуџивара на тапани.

„Македонскиот композитор, гитарист и пејач Крсте Роџевски, кој повеќе од 20 години живее и работи во Њујорк, своите почетоци ги бележи во 90-тите во Битола, заедно со група музичари од која подоцна ќе произлезат Фолтин и Љубојна. Пошироката публика го познава по музиката од филмовите ‘Сенки’ и ‘Бикини Мун’ на Милчо Манчевски, ‘До Балчак’ на Столе Попов и ‘Војната заврши’ на Митко Панов, како и по соработката со Дуке Бојаџиев. Во оваа прилика, Роџевски ќе настапи со некои од највозбудливите музичари од првата лига на њујоршката џез-авангарда“, се вели во најавата за концертот.

Овој ексклузивен настап на „Оффест“, кој воедно претставува македонска концертна премиера на музичкиот материјал на Роџевски, ќе биде сочинет главно од композициите од „Batania“.