Оффест вечерва со музичари од Индија, Франција и Италија

На претпоследната фестивалска вечер на годинешниот ОФФест, вечерва од 20 часот во кино „Фросина“ ќе настапат триото „Бармер бојс“ од Индија и француско-италијанското дуо „Транс-Аеолиан трансмисион“.

Тројцата музичари од „Бармер бојс“ ги продолжуваат вековните музички традиции на Манганиерите и се глобални амбасадори на современиот фолклор на Раџастан и суфи-музиката. Групата е формирана во 2011 година за време на фестивалот „Amarrass Desert Music“ во Њу Делхи, за потоа да ја маѓепса публиката на фестивалите и клубовите низ Индија, Северна Америка, Европа и Азија. Нејзиното интернационално деби беше на фестивалот Роскилде во 2014 година.

Триото е предводено од Манџи и Раис. Манга „Манџи“ Кан потекнува од семејство на славни пејачи, а со својот огнен глас подеднакво пее традиционални марвари свадбени песни и суфи „кјовали“, а свири и хармониум. Раис Кан е надарен млад музичар кој свири на повеќе инструменти.

Од 21.30 часот во кино „Фросина“ во МКЦ ќе настапи дуото „Транс-Аеолиан трансмисион“ на двајца музичари – Франсоа Камбузат – ветеран од медитеранската панк и авант-рок сцена, и басистката Џана Греко од италијанската електрична музичка сцена.

На нивниот концерт ќе биде прикажан и документарен филм за патување што самите го снимиле додека престојувале во длабочините на пустината Такламакан, планините Каракорам, градовите од Патот на свилата… и средбите што ги имале со музичари од различни светови.