Одржана 114. седница на Влада: Повеќе пари за намалување на аерозагадувањето

Владата вчера ја одржа првата седница во 2019-та година. На неа беа донесени повеќе одлуки, меѓу кои:

Се прифати предлог-програмата за инвестирање во животната средина за 2019-та година. Покрај програмата за инвестиции од 130.8 милијарди денари, за оваа програма обезбедени се 98 милиони денари.

„Дел ќе се наменат за поддршка на мерки и активности за намалување на загадување на воздухот со спроведување на постапка за јавна набавка. Останатиот дел од средствата ќе се доделуваат врз основа на Јавен конкурс којшто го објавува и спроведува Министерството за животна средина и просторно планирање, согласно Законот за животната средина, со склучување на договори за доделување на средства“, стои во соопштението од владината седница.

Покрај ова, министрите ја прифатија предлог-програмата за обезбедување средства за болничко лекување без наплата на учество (партиципација) за пензионери и за обезбедување на средства за специјалистичко-консултативни и болнички здравствени услуги за корисниците на правото на социјална парична помош во Република Македонија за 2019-та година.

„Според програмата, пензионерите кои имаат пензија пониска од 14.000 денари се ослободени од плаќање партиципација при лекувањето во болнички здравствени установи. Додека корисниците на правото на социјална парична помош се ослободени од партиципација при користење на специјалистичко-консултативни и болнички здравствени услуги во Република Македонија“, информираат од Владата.

Една од одлуките на 114-та владина седница е и предлог-програмата за трансплантација во Република Македонија за претстојната година. Целта на оваа програма е да се зголеми бројот на донори од починато лице преку олеснување на постапката на трансплантација на органи и ткива во интерес на пациентите, зголемување на бројот на пресадувања на органи и ткива од човечкото тело заради лекување.

„Понатаму, програмата ќе создаде систем којшто ќе обезбеди и којшто ќе гарантира правичен пристап кон органите и ткивата преку формирање на листа на чекање според видот на органи кои ќе се базираат на транспарентни, објективни и медицински критериуми. Дел од активностите на оваа програма ќе бидат насочени и кон подигање на свеста кај населението за донирање на органи и ткива, особено преку информирање на јавноста за важноста на трансплантацијата на органи и ткива“, се вели во соопштението на Владата.

Од областа на здравството, Владата ја прифати и предлог-програмата за лекување на ретки болести во Република Македонија за 2019-та година, за што беа одвоени вкупно 380 милиони денари.

На својата редовна седница, Владата ја прифати информацијата за потребата од задолжителна инклузија на децата со лесна попреченост во редовните училишта во Република Македонија. Министерството за образование и наука треба да воведе систем на следење на развојот на овие деца од страна на стручните инклузивни тимови во сите основни училишта, најдоцна до март 2019 година и на квартално ниво да ја известува Владата за нивниот развој.

„Исто така, министерствата за образование и наука, за труд и социјална политика, за здравство и Бирото за развој на образованието се должни во рок од 3 месеци да изготват унифицирани формулари за постапката за запишување и отпишување, како и за следење на развојот на децата во основните и средни специјални училишта кои ќе ги содржат сите потребни податоци за децата и да ја информираат Владата за преземените активности. Овие институции исто така се должни до јуни годинава, да подготват Анализа за трансфер на децата со лесна психичка попреченост од училиштата за деца со посебни потреби во редовните училишта со предлог за група/групи на деца кои ќе може да се трансферираат од учебната 2019/2020 година“, се вели во владиното соопштение.

Министрите вчера ја прифатија предлог–програмата за мониторинг на безбедност на храната во Република Македонија, за 2019-та година.

„За оваа намена се предвидени 7, 8 милиони денари, а целта на програмата е одредување на присуството и концентрациите на контаминентите во храната, утврдување на присуство на резидуи од пестициди во и на храната, миграцијата на одделни супстанции од материјалите и производите кои доаѓаат во контакт со храната, мониторирање на можно присуство на ГМО храна, микробиолошки критериуми и други опасности во храната, како и евалуација на нивното влијание врз здравјето на човекот“, информираат од Владата.