500 ученици од Визбегово од понеделник ќе останат без превоз до училиштe, предупредува Градоначалникот на Чаир

Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, денеска информираше дека 500 ученици од населбата Визбегово во Општина Бутел, кои посетуваат настава во училишта Чаир, од понеделник ќе останат без бесплатниот ученички превоз од Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје, бидејќи повеќе не можат да обезбедат пари за покривање на превозот за овие ученици.

Ганиу вели дека иако Општината нема законска обврска, тие досега превозот на блиску 500 ученици од други општини го плаќале од сопствени финансиски средства, кои изнесуваат преку 6 милиони денари годишно. Тој вели дека за оваа состојба ги известиле сите надлежни државни институции, и побарале зголемување на блок дотациите, но досега одговор не добиле.

„Под притисок на актуелната економска, конкретно енергетската криза, ние како Општина Чаир веќе не сме во можност да обезбедиме финансиско покривање за превозот на овие ученици бидејќи токму овие 6 милиони денари за секоја година што ги плаќаме ја продлабочија состојбата со долговите што ги имаме кон другите оператори. Последнава недела бевме под постојан притисок од Јавното сообраќајно претпријатие и со право. Тие бараат да платиме за превоз на децата од населба Визбегово, Општина Бутел, со која општина пред една година потпишавме договор што го објавивме во сите медиуми и првпат заеднички ги поделивме трошоците за превоз на овие ученици. Но, Општина Бутел не се придржи до овој договор и не извршила никаква исплата кон дотичното претпријатие“, вели Ганиу.

„Затоа, како резултат на нашите континуирани молби до Јавното сообраќајно претпријатие, тие не го прекинаа превозот, туку кулминацијата е достигната така што од понеделник учениците од населбата Визбегово кои учат во училиштата во Чаир повеќе нема да имаат превоз од страна на Јавното сообраќајно претпријатие“, рече Ганиу.

„Во најмала рака барам благодарност од одговорните државни институции за оваа континуирана поддршка што им ја даваме на учениците низ годините заедно со нивниот образовен процес. Овие ученици ќе го продолжат своето образование во училиштата на општина Чаир како и досега, со сите еднакви услови со другите ученици“, посочи градоначалникот.