Од паркинг до јавен простор, битолчани побараа место за рекреација и креативност

Шах, пинг понг, музика и многу цртежи, можеа да се забележат во текот на вчерашниот ден на плоштад „Гоце Делчев“ во Битола. Со овие активности, битолчани за првпат го одбележаа светскиот настан „ПАРК(инг) ден, со кој побараа поголем јавен простор што ќе им припаѓа на сите и каде секој ќе може да го поминува своето слободно место.

Според Мила Рориќ од новоформираното друштво на локални архитекти „УрбанЛаб“, идејата на целодневниот настан беше да ја нагласи потребата од јавен простор, односно да поттикне дебата за тоа што претставува за градот еден ваков простор како тој може да се искористи.

„Секогаш има потреба од дополнителен јавен простор, бидејќи отворените простори би требало да се користат поквалитетно. Ние денес експериментираме со разни начини, со кои похумано би можеле да ги искористиме паркинзите. Доаѓаат посетители, разговараат со различни претставници од нашата организација. Тие ја поздравија идејата, велат дека се залагаат за почист воздух и околината, дека е добра иницијатива и дека фали јавен простор за граѓаните“, рече Рориќ.

Од УрбанЛаб очекуваат оваа скромна акција да прерасне во традиција. Во повеќе градови низ светот, ПАРК(инг) ден се одржува секој трет петок во месец септември. Оваа година, повеќе од 80 држави ширум светот.

Настанот беше поддржан од Општина Битола, Градски паркинзи – Битола, ЈП „Комуналец“ Битола, ИФФК Браќа Манаки – Битола, НУ Центар за култура – Битола, Битола на точак и Американското катче.