Од економска и социјална до еколошка маргинализација – Работилница во „Дуња“

„Од економска и социјална до еколошка маргинализација“ е насловена работилница во „Дуња“ која ќе се одржи утре (7 ноември) со почеток од 18 часот. Работилница е наменета за активни млади кои живеат во Општина Шуто Оризари.

Работилницата е поделена на два дела. Првиот дел ќе отпочне со предавање за поврзаноста на економската и социјална маргинализација со еколошката маргинализација. Ќе се истакне стратешката комплементарност на овие елементи и ќе се алудира на инкорпорација на еколошката проблематика во корпусот на политички проблеми.

Вториот дел на работилницата ќе содржи интерактивна димензија, односно учесниците во работилницата ќе имаат можност да споделуваат свои визии за еколошка еманципација на нивната општина и начини за политичка артикулација на еколошките проблеми.

„Општината Шуто Оризари која е на периферија на Градот Скопје е општина во која претежно живее Ромската етничка заедница. Ромите како една од најдискриминираните заедници во државата живеат исто така во прилично дискриминирана општина. Дискриминацијата на Ромите во економска смисла има и свои импликации и во еколошка смисла. Голем дел од отпадот од централните општини во Градот Скопје многумина собирачи на отпад го носат до Општина Шуто Оризари. Така во тој дел од Скопје, жителите живеат среде отпад“, појаснуваат од „Дуња“.