Од 91. собраниска седница: Изгласани Законот за прекин на бременоста и Предлог-законот за инспекциски надзор

Законот за прекинување на бременоста помина во Собрание уште во прво читање. Согласно новиот Закон, се укинува тридневното чекање и останатите административни бариери за остварување на правото на абортус.

Со измените на законот, жената исто така ќе добие комплетни, објективни и точни информации во врска со начинот на изведување на интервенцијата. Одлуката за прекин на бременоста, жената ќе може да ја донесе свесно, без принуда од кого било, врз основа на објективни информации поврзани со интервенцијата, со посебна медицинска интервенција за која слободно таа одлучува.

Во прво читање помина и Предлог-законот за инспекциски надзор. Со новите измени, инспекторите прво ќе опоменуваат, а казните ќе бидат последна мерка. Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски посочи дека инспекторите сега ќе имаат советодавна и едукативна улога, пред да преземаат репресивни мерки.

Покрај ова, пратениците ги усвоија измените на Законот за Влада, со кои се предвидува трансформирање на Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор во ново Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. Исто така, беа изгласани и Законот за ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за кинематографска копродукција, Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, како и Законот за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати.