Основното јавно обвинителство – Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против лицето кое вчера пукаше во поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров.
Од Обвинителството велат дека осомничениот се гони за сторени две кривични дела – „убиство“ од член 123 во врска со член 19 и „ недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“ од член 396 од Кривичниот законик.
„Надлежниот јавен обвинител до судот поднесе и Предлог за определување на мерката – Притвор, бидејќи ценеше дека се исполнети законските основи за нејзиното изрекување“, соопштуваат од Обвинителството.
Инаку, МВР вчера информираше дека 60-годишниот Љ.С. испукал два куршуми кон Тодоров. Во инцидентот немаше повредени. Инцидентот се случил во 12:00 часот, на улицата „50-та Дивизија“ пред Министерството за здравство.
Лицето кое пукаше во поранешниот министер е дедо на велешанката Тамара Димовска која на деветгодишна возраст почина додека се чекаше Фондот за здравствено осигурување да и одобри средства за операција во странство.