„Образовна реформа треба да почне веднаш, само претпазливо со историјата“, велат академиците по средбата со Царовска

Реформата во основното образованието е нужна и предолго одложувана. Ова ставот за кој се согласиле академиците од Одделението за општествени науки при Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и и Министерството за образование и наука (МОН) на денешната средба.

Академиците напоменаа дека имаат конкретни сугестии за подобрување на Концепцијата за основно образование и очекуваат да следи подготовка на наставен план за основно образование и наставни програми за секоја година на деветолетката и националните образовни стандарди, преку кои ќе се мерат исходите на образованието, стекнатите компетенции и оценувањето на учениците, за да може да се подигне квалитетот на основното образование.

Академиците сметаат и дека целиот комплекс на образовни реформи е потребно да вклучат и дополнителни буџетски вложувања, подобрување на статусот на наставниците, нивна континуирана едукација и подготовка за влез во една нова филозофија на учење.

„Со реформи треба да се почне веднаш. И ние дадовме сугестии – да бидеме многу претпазливи кога станува збор за историјата. За мене најголем проблем во образованието е како и на кој начин да се ослободиме од екстензивност, оптовареност со фактографија и меморирање, при што суштинските работи се запоставуваат. Не може да се трупаат факти и да се тераат учениците на меморирање, тоа создава проблем во љубовта кон учењето“, рече академик Таки Фити.

Академик Владо Камбовски ја поздрави идејата за вклучување на МАНУ во расправата за реформата на основно образование, како највисока научна и уметничка институција чија задача е токму да го развива образованието и науката.

„Заживеа расправата за овој најважен елемент на општествените реформи, а тоа е системот на образование, овој пат основното образование, но очекуваме дека тие расправи ќе продолжат и во однос на другите степени, предучилишното, средното и конечно реализација на реформата во високото образование. Преку овие расправи треба да го промениме односот кон главните носители на оваа значајна општествена дејност, а тоа се учителите, наставниците. Учителот треба да стане централна фигура на општествениот интерес во наредниот период ако сакаме да формираме општество засновано врз знаења, прогресивно, знаења со кои утре ќе ги отворат границите на нашата земја кон светските процеси на интеграција и глобализација“, изјави Камбовски.

Министерката за образование и наука, Мила Царовска, истакна дека за реформите ќе се направи добра подготовка пред да се стартува со интеграцијата.

„Академиците дадоа свои видувања и совети за тоа кои се предизвиците со основното образование и имавме конструктивна дебата. Она што сите се согласивме е дека реформата е нужна и предолго одложувана. Јас информирав дека пристапот при креирање на сите аспекти на концепцијата, од обуките на наставниците до наставните содржини е многу темелен, издржан и во широка консултација со сите експерти во државата. Одговорно тврдам дека добро подготвени за имплементација ќе пристапиме во следната учебна година. Интензивните дебати продолжуваат и сакам да кажам дека ми е драго што добивме многу конструктивни предлози во изминатите денови. Пред два дена заврши рокот на доставување на предлози и дел од овие ќе се искористат за прецизно моделирање на реформата. Драго ми е што во целиот период се вклучија многу засегнати страни и добивме голем број на предлози кои детално ќе ги разгледуваме и имплементираме сите конструктивни забелешки”, рече Царовска.