Обоена Влада, Симоне Филипини маршира со демонстрантите на Шарената Револуција

Шарената еволуција и денеска „удри“ по белата барокна фасада на Владата боејќи ја во препознатливите бои.

Демонстрантите почнаа да се собираат во вообичаениот термин, 18 часот пред Специјалното јавно обвинителство, по што се упатија кон Владата.

Со нив денеска во знак на поддршка на Шарената Револуција маршира и неодамнешната холандска амбасадорка Симоне Филипини која во изјава за Радио МОФ порача дека е крајно време политичарите во Македонија да ги слушнат луѓето.

„Силен верник сум во човечкото достоинство, солидарноста и лидерството на граѓаните. Она што го гледаме овде се многу многу граѓани кои секоја вечер доаѓаат заедно да ги споделат своите бои, да ни ги покажат своите лица и да протестираат против влада во која не веруваат повеќе. Мислам дека тоа треба да се сфати сериозно. Слободата на печатот и говор се намалува и мислам дека луѓето се во право што протестираат, тоа е нивно право. Државата е на граѓаните, владата не е нејзин сопственик. Јас сакам да застанам до македонскиот народ бидејќи верувам во нив и нивната моќ“, рече Филипини.

Маршот од Владата продолжува кон Собранието, каде се очекува повторно активирање на чаталите со боја. Од Протестирам и Шарената револуција  најавуваат дека остануваат на улица до целосно разрешување на кризата, но и дека ќе бидат присутни и при градењето на новите демократски вредности.

Ова е осма седмица од почетокот на протестите кои се организираат секојдневно во Скопје и низ десетина градови.