Облакот од чад од сибирските пожари поголем од површината на Европската Унија

Научниците велат дека облакот од чад од пожарите во Сибир е поголем од големината на Европската Унија. Во пожарите уништени се преку 4,3 милиони хектари шума.

Пожарите создаваат огромни количини на јаглерод диоксид кои се испуштаат во атмосферата, зголемувајќи ја температурата на воздухот и сушејќи ја земјата со што уште повеќе се влошува ситуацијата.

Исто така, тие може да имаат влијание врз глобалното затоплување. Научниците од НАСА велат дека саѓите веќе ја апсорбираат сончевата светлина и ја загреваат атмосферата. Доколку се случи да падне на снежна или ледена површина, тоа ќе ја намали рефлективноста и да ја зароби топлината, со што ќе биде забрзан процесот на топење.

Експертите од Светската метеоролошка организација велат дека облакот сега е дури 5 милиони квадратни километри и наскоро би можел да се протега дури и до Гренланд.

Смогот предизвика неколку региони да прогласат вонредна состојба поради загадувањето, а чадот се проширува низ поголемите руски градови, и им го отежнува дишењето на некои луѓе.

Големите пожари во северниот дел на Русија, Аљаска, Гренланд и Канада беснеат повеќе од два месеци.

Во јули, рускиот претседател Владимир Путин нареди на армијата да се бори со пожарите, а четири региони во Сибир прогласија вонредна состојба.

Низ целиот свет, јуни и јули беа најжешките месеци досега, а експертите велат дека температурите придонесуваат за ширење на пожарите.