Објавени наградените филмови на „Flipbook Film Festival“

Филмот „Sh_t Happens“ на режисерите Михаела Михали и Давид Штумф ја освои наградата за најдобар филм во главната конкуренција на првото издание на Фестивалот за Европски авторски анимиран филм „Flipbook Film Festival“.

„Овој мал голем филм, со навидум толку лесен стил ќе ве замисли дали случајно не гледате некоја комерцијална анимација од високо буџетно студио. Преку совршениот спој на носталгична анимација и траги – комичен наратив дава една интимна перспектива на секогаш актуелните дуалитети на човековото постоење: љубов – стаст, живот – смрт, смисла и апсурд. Едно потсетување на чешката и словачката анимациска доминација од едно друго време која полека но сигурно се враќа“, се наведува во образложенијата од жирито за наградите.

Во истата категорија, жирито во состав Катрин Новаковиќ, Катерина Стојановски и Гоце Господиновски додели специјална награда на македонскиот филм „Карантин“ во режија на Иван Андреевски.

„Со интересна техника која ги меша естетиките на традиционалната стоп и современата 3Д компјутерска анимација, овој краток филм не води во еден за секого многу присутен амбиент, но,преку комична призма која барем за миг ни дозволува да се насмееме и малку да издишеме од нашето загушувачко секојдневие. Мајсторски сработена анимација од еден млад автор која укажувана тоа дека златното време на македонскиот анимиран филм е пред нас“, велат од жирито за „Карантин“.

Наградата на онлајн публиката која гласаше за филмовите на „Cinesquare“ му припадна на филмот „Ќерка“ во режија на Дариа Кашчеева.

Во студентската селекција, наградата за најдобар филм му припадна на „Cockpera“ на хрватската авторка Ката Гугиќ, а специјалната награда од жирито на филмот „The Kite“. За најдобар анимиран документарен филм беше прогласен „Carlotta’s face“, а специјалната награда од жирито му беше доделена на „Macka je uvek zenska“ на режисерките Мартина Мештровиќ и Тања Вујашиновиќ од Хрватска.

Фестивалот се одржа од 11 до 13 август 2020 година во Младинскиот Културен Центар и од 7 до 13 август на онлајн платформата Cinesquare.

Од пристигнатите повеќе од илјада кратки филмови од цела Европа, беа селектирани вкупно 87 филмови во три натпреварувачки програми и панорама на европски анимиран филм. Во главната селекција на најдобар анимиран филм се натпреваруваа 25 наслови, најдобрите европски остварувања од минатата година, меѓу кои победници на Санденс, Берлинале, Анеси, номинирани за Оскар.