Објавена првата фотографија од Црната дупка во центарот на нашата Галаксија

Астономите за првпат објавија фотографија од огромната Црна дупка која се наоѓа во центарот на нашата Галаксија Млечен Пат.

Познат како Стрелец А*, овој објект има неверојатни четири милиони пати поголема маса од Сонцето и е фотографиран од телескопот „Евент Хорајзон“ во 2017 година, а сликата сега е за првпат јавно објавена.

Она што може да се види на сликата е централниот темен регион каде се наоѓа Дупката, опкружена со светлина која доаѓа од супер-загреаниот гас забрзан од огромни гравитациски сили.

За споредба, прстенот е од прилика голем колку големината на орбитата на Меркур околу Сонцето. Тоа е растојание од околу 60 милиони километри.

За среќа ова небеско „чудовиште“ е многу, многу далеку од нас – некои 26.000 светлосни години, па не постои можност тоа да не доведе нас во некаква опасност.

Ова е втора ваква слика која ја има направено „Евент Хорајзон“, откако во 2019 година објавија фотографија од џиновска Црна дупка во срцето на друга Галаксија наречена Месиер 87. Тој објект беше 1.000 пати поголем од Сонцето и со 6,5 милијарди пати поголема маса.

„Сепак оваа фотографија е посебна бидејќи е наша супермасивна Црна дупка“, вели за Би-Би-Си професорот Хејно Галке, еден од пионерите зад проектот на „Евент Хорајзон“.

Во август новиот супер вселенски телескоп „Џејмс Веб“ ќе го сврти своето око кон Стрелец А*. Овој телескоп нема да има резолуција со која ќе може директно да ја фотографира Црната дупка и нејзиниот прстен, но има можност да ја проучува нејзината околина со неверојатно чувствителни инструменти со инфрацрвено светло.