Објавена програмата за новата концертна сезона на Македонска филхармонија и кампањата „Без мобилни“

Новата концертна сезона 2018/2019 на Македонската филхармонија ќе стартува на 27 септември под името „Ново утро“, кога под палката на маестро Јерухам Шаровски од Израел, ќе настапи фантастичниот француски пијанист Лука Дебарг, лауреат на престижниот натпревар „Чајковски“, еден од најбараните пијанисти на класичната музичка сцена. Дебарг ќе го изведе виртуозниот Концерт за пијано и оркестар бр. 2 од Сергеј Прокофјев, а оваа вечер, ќе биде изведена и славната Фантастична симфонија од Хектор Берлиоз.

Директорот на Македонската филхармонија, Виктор Илиески, денеска ја најави целосната програма за новата сезона.

„И во новата музичка година ветуваме врвни, извонредни солисти и диригенти од светската музичка сцена, најавуваме интересна, атрактивна, комплексна и премиерна програма, најавуваме настани кои ќе бидат незаборавни. Со оглед на имињата кои што ќе ги донесеме на нашата сцена, се надевам на поголемо интересирање од страна на публиката,“ рече Илиески.

Од останатите концерти во новата концертна сезона 2018/2019, Илиески го издвои следниот концерт по отворањето, кој ќе се одржи на 12 октомври под наслов „Хармонија мунди“, кога под диригентската палка на маестро Емил Табаков ќе биде изведено грандиозното дело „Планети“ од Холст, дело кое кај нас ќе доживее и специјална визуелизација која, рече Илиески, „се надеваме ќе биде атрактивна за публиката.

„Ја издвојувам и изведбата на Бетовеновата Деветта со маестро Густав Кун од Австрија и фантастични солисти и хор, како еден од грандиозните проекти, потоа настанот ‘Музика на платно’ кој ќе донесе филмска проекција со музичка изведба во живо од страна на оркестарот, што е уште еден импресивен настан, потоа концертот посветен на рускиот гениј Дмитриј Шостакович со славниот виолончелист Даниел Милер Шот, кој веќе гостуваше во Скопје и направи незаборавен концерт,“посочи директорот на Филхармонија.

Илиески ги најави и настапите на рускиот виолинист Вадим Репин, на врвниот тромбонист Џозеф Алези, концертот на атрактивното и виртуозно дуо кларинети Гурфинкел кои ќе настапат на Гала-новогодишниот концерт, настан за кој, како што рече, публиката веќе е заинтересирана за купување на билети.

Во новата концертна сезона е издвоен настапот на Луси Хорш на барокна флејта, концертот на големиот руски пијанист Борис Березовски, кој во иста вечер ќе изведе два концерти за пијано од Шостакович и Прокофјев, како и еден камерен концерт. Концерт ќе има уште еден врвен руски пијанист, Андреј Гугнин, со Концерт за пијано од Лист.  На сцената, рече Илиески, ќе застанат уште тројца извонредни виолинисти – Бенџамин Шмид од Австрија, Сојанг Ју од Кореја и Баиба Скриде од Латвија, а најави и уште еден интересен проект со настап на контратенор, како и еден грандиозен проект со изведба на Вердиевиот Реквием.

Нема да изостанат и традиционалните концерти на Македонската филхармонија, настапот на манифестацијата „Денови на македонска музика“, концертите „Звукот на идната генерација“ и „Младите доаѓаат“ посветени на младите музички уметници, концертот во Градскиот парк „Филхармонија на отворено“, како и концертот по повод Денот на вљубените.

Покрај делата од класичната литература и современи, премиерни дела, програмата ќе биде збогатена со композиции од македонски автори, а на подиумот со Македонската филхармонија ќе застанат и фантастични македонски солисти, како Ѓорѓи Цинциевски на контрабас, Нина Костова- Јаневска на пијано, Милан Силјанов како вокален солист, како и нашите диригенти Борјан Цанев, Сашо Татарчевски, а првпат со Филхармонија ќе диригира Виктор Митревски, кој доаѓа од школата од Виена. Ќе бидат изведени и македонски дела од автори како Сони Петровски, Владимир Николов, Љубомир Бранѓолица…

„Покрај комплексната редовна програма, со голема радост сакам да најавам и дека оваа година, по навистина долго време, Македонската филхармонија ќе оствари три мошне значајни турнеи. Првата е во Казахстан со Камерниот оркестар на Македонската филхармонија по повод државниот празник 8 Септември, а можно е со наш концерт да биде отворен Конзулатот во Алмати. Веќе ја најавивме големата турнеја низ Кина, кога оркестарот на Македонската филхармонија во неколку градови ќе одржи 7 концерти, а ќе се случува во декември и јануари, како и турнејата во Шпанија која што ќе се одржи на 30 октомври и 1 октомври, во Сарагоса и Хуеска. На сите турнеи ќе се претставиме со интересна програма, и ќе дадеме се од себе да се покажеме во најдобро светло“, истакна Илиески.

Македонската филхармонија, за редовните посетители на концертите, ќе овозможи блок билети во кои ќе бидат вклучени сите концерти, по цена од 9.000 денари, а кои ќе можат да се набават до 20 септември. Исто така, Македонската филхармонија новата концертна сезона ќе ја стартува со кампањата „Без мобилни“, која треба да ја зголеми свеста кај посетителите да не ги користат своите мобилини телефони за време на музичките настани.