Објавен е повик за идејно решение на новиот студентски дом „Тодор Александров“

Владата на Република Македонија преку Службата за општи и заеднички работи објави јавен повик за избор на идејно архитектонско решение за изградба на нов студентски дом во Скопје, лоциран спроти спроти средното училиште „Орце Николов“, на влезот во Градскиот парк во скопската населба Карпош 1.

Според огласот објавен на Електронскиот систем за јавни набавки, објектот ќе се гради на парцела со површина од 2.872 метри квадратни, во сопственост на државата. Студентскиот дом „Тодор Александров“ е замислено да се простира на површина од 10.073 метри квадратни. Наведено е дека објектот е предвидено да има приземје, пет ката и потпокрив.

Конкурсот налага објектот да ги има сите неопходни содржини за сместување, престој и едукација на околу 450 студенти. Овој број може да се зголеми во зависност од предложеното и прифатено идејно решение.

Конкурсот е отворен до 15 мај, по што, ќе следи евалуација и избор, а потоа и објава на јавен повик за избор на компанија изведувач на градежните активности.

Право на учество на овој Конкурс имаат правни лица регистрирани за вршење на дејност-проектирање и да поседуваат лиценца А за проектирање и физички лица-дипломирани инженери и архитекти кои имаат овластувања А за проектирање, согласно со Законот за градење.

Владината Служба за општи и заеднички работи ќе го награди авторот на првонаградениот труд со 500 000 денари (8165 евра). Но, може и да откупи неколку труда, односно за авторот на првооткупениот планира паричен надомест од 350 000 денари (5715), а 100 000 денари (1632) ќе добие авторот на второто откупено решение.

Веста за нов студентски дом првпат ја соопшти поранешниот премиер Никола Груевски во интервју за телевизијата „Сител“ пред две години. Тој тогаш рече дека домот ќе биде со капацитет од 500 до 1000 студенти. Уште тогаш „Студентски пленум“ го оцени ова како популистичка мерка.