Објавен албумот „EKV Unplugged Skopje 1992“ – единствен акустичен концерт во полн состав на „Екатерина велика“

Најавен со текстуален спот за песната „Ти си сав мој бол“, во продукција на Фондацијата Милан Младеновиќ вчера беше објавен албумот „EKV Unplugged Skopje 1992“, пренесува српско „Рок радио“. Албумот беше издаден под „Universal Music“, а снимките беа ремастерирани од Чима.

Единствениот акустичен концерт во кариерата на легендарната група „Екатерина Велика“ во изведба на целиот бенд се одржа на крајот на ноември 1992 година во студиото М1 на Македонската радио-телевизија, како дел од мини-турнејата во Македонија на која беше промовиран албумот „Дум дум“.

Концертот се пренесуваше во живо на радио и траеше 47 минути. Групата настапи во состав на Милан Младеновиќ, Маргита Стефановиќ, Драгиша Ускоковиќ Чима и Марко Миливојевиќ.

„За мене најважно од тој концерт, кој беше еден и единствен од ваков вид е општиот впечаток дека беше навистина и повеќе од добар. Немавме прецизен концепт, стигнавме во радиото и добивме задача да свириме ‘анплагд’“, вели Чима.

Албумот е моментално достапен на сите дигитални платформи за стриминг и преземање, а за неколку месеци ќе бидат објавени и плочи, наведува „Рок радио“.