О2 Иницијатива: Надминати праговите на аерозагадување во три градови, зошто нема мерки?

Иако последниве два дена аерозагадувањето во Кавадарци, Куманово и Битола ги надмина праговите за алармирање на по кој треба да се активираат посебни мерки, Министерството за животна средина се уште нема ги нема активирано мерките и препораките, реагираа од О2 Иницијативата.

Податоците од мерните станици покажуваат дека вчера и завчера дневните концентрации на ПМ10 честичките во овие три града го надминале прагот од 162,5. Во Битола последниве два дена се измерени 180 и 198 микрограми на метар кубен ПМ10 честички, во Куманово се регистрирани 177 и 191, а во Кавадарци се измерени 175 и 174.

„Зошто денеска не се на сила препораките и мерките при надминат праг на алармирање за PM10 честички во Кавадарци, Куманово и Битола. Од минатиот месец прагот на алармирање е 162.5 µg/m3 во текот на два последователни денови, нешто што не беше објавено, а требаше, од страна на МЖСПП“, посочуваат од О2 Иницијатива.

Активистите реагираат и за ситуацијата во Скопје, каде вредностите измерени на мерната станица во Лисиче се над 200 микрограми на метар кубен, но тоа е недоволно за прогласување на прагот на алармирање бидејќи за тоа да се случи потребно е две мерни станици да покажат вредности над 162,5 микрограми на метар кубен.

„Но, во функција не се инструментите за PM10 во Гази Баба и Ректорат, кои историски покажуваат високи вредности. И тоа е она на што ние укажувавме кога се формулираше ваквиот праг на алармирање во 2017, што во случај кога одредени мерни станици нема да се во функција во Скопје? Како тогаш да се бара две мерни станици да покажат надминување и баравме овој услов да се измени, но не се прифати. И сега, наместо да имаме прогласување на надминување на прагот на алармирање за Скопје, ќе се тера како состојбата да е нормална, кога во ниту еден случај не е“, додаваат од О2 Иницијатива.