О2 Иницијатива: Антикорупциска и ревизорите да ја проверат работата на уставните судии

Уставниот суд вчера времено го укина мораториумот во општина Центар додека не донесат одлука дали мораториумот е уставен или не, по поднесената инцијатива од Градежната комора и Стопанската комора на севернозападна Македонија, тие што имаат профитабилен интерес да градат во Центар, реагираат од О2 Иницијатива.

Еко-активистите потенцираат дека Уставниот суд не донесе времена мерка, иако беше побарана за четирите ДУП-а во Карпош и иако се нанеа тешко отстранливи последици. Едниот ДУП, велат тие, е токму тој каде никнаа зградите на земјиштето на бивш „Имес“ за кое деновиве беше обвинет екс градоначалникот Стевчо Јакимовски за злоупотреба на службената положба.

„Уставниот суд не донесе времена мерка, иако беше побарана и од општина Гази Баба и иако донесе тешко отстранливи последици, за ДУП-от каде може да се гради Г1-тешка индустрија. Поради не донесена времена мерка, се изврши електронско наддавање по втор пат и се даде земјиштето под заем на 99 години на Локо Транс. Уставниот суд ги пролонгираше со месеци и месеци носењето на решенијата и на одлуките за ДУПовите во Карпош, иако ги имаше сите потребни документи и одговори од општината“, се вели во реакцијата на О2.

Исто така, од таму нагласуваат дека Уставниот суд не им овозможил, иако побарале согласно деловникот, да ги разгледаат списите во нивните предмети.

„Поради основаното сомневање за начинот на работење на Уставните судии, нивната (не)зависност, застапувањето на одредени интереси, бараме од Државната комисија за спречување на корупција да го испита постапувањето на уставните судии, а Државниот завод за ревизија да изврши ревизија на нивната работа“, реагираат од О2 Иницијатива.