Нухиу: Вработени во МВР под наредба на началник од УБК пробаа да избришат снимки од Собранието

Министерот за внатрешни работи Агим Нухиу во интервју од емисијата „Патот кон…“ на „Алсат М“ потврди дека имало обид од вработените во МВР да се избришат снимките од безбедносните камери во Собранието од насилствата на 27 април.

„Двајца вработени добиле наредба од еден висок началник во УБК да влезат во Собранието и да ги земаат хард-дисковите, по што ги земале, но за среќа, имало резервни хард-дискови и ние сепак успеавме да ги земеме снимките“, вели министерот Нухиу.

Објаснувајќи за случувањата во МВР на 27 април, тој рече дека од претходно МВР и Оперативниот штаб изготвиле три евентуални планови за протестите. Но, тие пропаднале поради политичките убедувања внатре во полициските структури.

„Еднаш примив одговор од Чавков дека се преземени мерки и оти сè е под контрола и надвор од Собранието. Тој потоа ми одговори дека ова е народ и не можеме против него“, рече Нухиу, додавајќи дека во МВР не функционирал ниту системот за регистрација на командите и тоа како што рече, уште од пред три години.

„Веднаш побарав да се направи увид и проценка дали се снимени сите команди коишто се издадени од тетра системот. Повикав германски експерт и тој процени дека два сервера не биле вклучени во апаратот за снимање и дека истиот не работи уште од 2014 година“, наведе Нухиу.

Според него, на 27 април имало сценарио кое требало да послужи како повод за прогласување на воена состојба од претседателот на државата, Ѓорге Иванов.

„Сценариото кое според моето мислење постоеше е да се удри по Собранието, има и гласини кои не сум ги потврдил, дека полицајците се повлекле од вршење на законските должности, бидејќи слушнале дека треба да чекаат уште некое време, со цел претседателот да ја извади армијата и да прогласи вонредна состојба“, рече министерот.