НСОН: Минималниот раст на платите во образованието не е усогласен со растот на животните трошоци

Независниот синдикат за образование и наука (НСОН) излезе со свој околу покачувањето на платите на работниците во образованието за 5%.

Синдикатот, во кој членуваат просветни работници кои добиваат плата од буџетски средства, искажува револт во однос на потпишаната спогодба помеѓу МОН и СОНК за минимална плата и покачувањето од само 5%.

„Прво, почетната плата на просветните работници од 2014 до 2018 е зголемена за само 5%, додека во исто време буџетот на Република Македонија од 2014 до 2018 е зголемен за 22%. Изјавите на Министерството за финансии дека покачувањето е во согласност со можностите ги сметаме за неусогласени со наведените статистички податоци. Друг сериозен проблем е и спогодбата за минималната плата од август 2018, потпишана помеѓу МОН и СОНК која за основно образование изнесува 12.714 денари (бруто износ) и за средно образование 13.117 денари (бруто износ). Имено, истата е многу пониска од законски предвидената минимална плата од 17.130 денари (бруто износ). Со ваков начин на пресметување се изигруваат/ не се почитуваат утврдените коефициенти за пресметка на плати во секторот образование“, стои во реакцијата на НСОН.

Според НСОН, вработените во секторот образование се соочени со минимален раст на платите, и истите не се усогласени со растот на животните трошоци, со што, велат тие, стандардот на наставниците и другите вработени во образование е сериозно намален и влошен.

„Истовремено сме сведоци на потпишување на небулозни законски акти со кои се утврдува минимална плата во образованието драстично пониска од законски предвидената минимална плата. Оваа лоша пракса се повторува подолг временски период и ќе се повторува сѐ додека НСОН не добие доволно членови за репрезентативност со цел чесни преговори со надлежното Министерство“, велат од НСОН, повикувајќи повеќе колеги – вработени во образованието да им се придружат.