Новогодишно 103 пакетче – музичка програма за дочек на 2021

Независното алтернативно радио „Канал 103“ на 30, 31 декември и на 1 јануари со посебна новогодишна програма.

Денес со почеток од 16 часот на радиото ќе се емитува преглед на македонската музика во 2020 година, по што ќе следуваат интервјуата со музичарката Димитра, но и со Мартина, претставничка од Младинскиот културен центар. Таа кусо ќе ја најави новогодишната онлајн и ТВ програма на МКЦ.

Потоа, Бојан Станиќ ќе направи преглед на битолската музика, а веќе во 21 часот ќе започне настапот во живо на бендот „Е’н 2 Трио“. На канал 103 ќе се емитува и импровизациска ретроспектива на оваа година преку гитарата на Јоана Ристеска, басот на Саша Павловиќ и тапаните на Венцислав Смаќоски.

Во 23 часот ќе започне настапот во живо на францускиот музичар „Daerin“. Ејдриен Мониет е дел од француското дуо „Jakku“. На својот трет настап во Скопје, тој ќе се престави со музика за танц која гравитира на мрачната страна – од длабоко темпо до племенско техно.

На 31 декември, програмата за „Последно будење во 2020“ ќе ја водат Радио Марс и гостин од Софија, по што во 16 часот ќе следува разговор со водителките Ивана и Мариго и нивните гости.

Во 20 часот ќе започне новогодишниот коктел во кој редакциите за народна и забавна музика со здружени сили ќе понудат репертоар за луда и незаборавна ноќ. Во два часот по полноќ ќе започне радио премиерата на играниот филм „Супермен“.

За првиот ден во новата година, 103-ка организира новогодишен бал, а ова трето нејубилејно издание ќе започне во 17 часот попладне по што ќе следуваат слободни дружби со импровизирана музика до длабоко во ноќта.