Новогодишна Критична маса денес во Битола

По Скопје и Прилеп, и битолчани денеска со почеток од 18 часот од плоштадот „Магнолија“ ќе вртат педали на последната Критична маса за оваа 2018 година.

Пред одржување на Новогодишната Критична маса, иницијативата БитолаНаТочак периодов реагираше дека во Битола помина една деценија откако за прв пат било ветено дека ќе се издвојат средства за велосипедски патеки.

„Над 10 години Битола субвенционира коли што резултира дуплирање на возниот парк во градов. Расипнички кон општинската каса, неодговорно кон граѓаните, неодржливо и неморално кон младите кои треба да го расчистат овој хаос во следниве години“, реагираа од иницијативата.

Иницијативата редовно укажува на односот кон вело-културата, за подобрување на вело-инфраструктурата и односнот кон јавнииот простор, за кој потенцира дека мора да се врати во владение на граѓаните. Односно дека улиците, тротоарите и зелените површини не се паркинзи, а паркинзите не се бесплатни.