Ново издание на поетската манифестација „Празник на липите“

На 23 јуни во Друштвото на писателите на Македонија ќе се одржи меѓународната поетска манифестација „Празник на липите“. Во првиот дел од програмата на свечен начин ќе бидат врачени наградите „Книжевен жезол“ на македонскиот поет Цане Андреевски и поетот од Србија Јован Зивлак.

Наградите ќе ги врачи претседателот на ДПМ Веле Смилевски, а за творештвото на Андреевски и Зивлак ќе зборуваат академик Георги Старделов и Санде Стојчевски. На средбата ќе биде промовиран и изборот од поетското творештво на добитниците, во издание на ДПМ. Во вториот дел од програмата пак, во рамки на поетскиот митинг, ќе настапат 28 поети со стихови посветени на Скопје.

По овој повод Друштвото на писателите на Македонија го распиша традиционалниот конкурс за доделување на награда за најдобра песна прочитана на манифестацијата „Празник на липите“.