Новите изолирани поради Ковид-19 изолирани и од гласање

На 8-ми јули, на полноќ, заврши рокот во кој лицата на кои им е дијагностициран Ковид-19 или добиле решение за самоизолација, можат да се пријават за гласање преку специјални избирачки комисии кои би ги посетиле во нивните домови на 13-ти јули.

Но, од Државната изборна комисија, во нивното Упатство од 25 јуни, не предвиделе никаква процедура како би го исполниле своето уставно загарантирано право сите оние граѓани кои од 9-ти јули па до изборниот ден ќе се најдат во изолација поради коронавирусот. Од ДИК едноставно информираа дека овие граѓани нема да можат да гласаат на изборите.

Со оглед на бројките и трендот од последниве денови и недели, во ваква ситуација може да се најдат од неколку стотини, па до преку илјада лица.

Ниту од ДИК, ниту од Владата не добивме одговор на нашите прашања како е донесена одлука за едно вакво решение и дали на овој начин се прекршува уставно загарантираното право на глас на овие лица, кои поради болеста нема да имаат можност да гласаат.

Дел од информативната кампања на Државната изборна комисија за парламентарните избори 2020

На претпоследната седница на ДИК, дел од проблемите со кои се соочуваат лицата кои се во домашен карантин или во самоизолација беа тема на дискусија. Членот на ДИК, Елизабета Постоловска предложи промена на Упатството во делот во кој од лицата во самоизолација за регистрирање за гласање задолжително се бара да достават решение за самоизолација од Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Таа овој предлог го образложи со тоа дека многу граѓани се соочуваат со проблеми навремено да ги добијат овие документи поради преоптовареност на Инспекторатот.

„Овој начин на гласање е предвиден согласно Уредбата со законска сила со која граѓаните кои се болни од Ковид и истите се во домашна изолација да можат да си го остварат своето право на глас. Начинот на кој тие ќе можат да го остварат ова право зависи од Државната изборна комисија. Ние сме задолжени секој граѓанин да го оствари своето право на глас, на начин на кој што е најдобар за граѓанинот, а не на начин кој е најдобар за ДИК или за било која друга институција. Моето барање не е заради некоја формална неможност лицата кои имаат позитивен тест, а не добиле решение од институцијата, да не може да се пријави. Само поради формализам ние некому да му оневозможиме на некој граѓанин право да гласа. Кога го носевме ова Упатство не бевме свесни за состојбата која се случи следните денови“, рече Постоловска.

Промена на упатството не беше донесена од ДИК, најмногу поради забелешките на другите членови дека би било несоодветно да се регистрираат лица за гласање во самоизолација без соодветен доказ.

„На само ден и пол пред завршување на рокот за пријавување мислам дека ќе биде несериозно и несоодветно да интервенираме со измени на упатството, посебно затоа што ваквиот предлог бара намалување на условите за пријавување – во смисла да не се достави доказ дека некое лице е во самоизолација. Ние ќе се доведеме во ситуација да импровизираме, би создале неред и хаос. Би се довеле во ризик да го загрозиме изборниот процес, одговорноста би била на ДИК. Неспорно дека законот им го дал тоа право, меѓутоа ние мора да се држиме до одредени процедури. Да има одредена документација и одредени докази. Не дека сум против да се прошири опсегот на опфат на граѓани кои би можеле да се пријават. Но самото пријавување не значи ништо, доколку тоа не е поткрепено со одреден доказ“, рече членот на Комисијата, Борис Кондарко.

Од Граѓанската асоцијација МОСТ, кои ќе ги набљудуваат изборите, сметаат дека рокот до 8-ми јули за пријавување на граѓани кои ќе гласаат во самоизолација е потребен за да има доволно време да се одлучи по барањата.

„Дури и во нормални услови, оние коишто би биле хоспитализирани од која била причина во овој период, нема да можат да го остварат своето гласачко право. Исто така, лицата кои се во болници или војниците, не можат да го остварат своето гласачко право. До скоро и лицата кои се во установи за вонсемејна грижа (или т.н. старски домови) не можеа да гласаат“, посочуваат од МОСТ.

Од Асоцијацијата додаваат дека не е возможно сите лица кои имаат избирачко право, тоа право да можат да го искористат на изборниот ден.

„Она што е важно е што државата презела дополнителни мерки за да обезбеди што поголем број граѓани да го остварат своето гласачко право. Доколку постои некаков критериум за овозможување на правото на глас или, во овој случај, преземање на дополнителни мерки од страна на државата за да се обезбеди можност за остварување гласачкото право, она што е важно е на сите оние кои го исполнуваат тој критериум да им се овозможи да гласаат. Доколку овој услов не е задоволен, дури тогаш би можеле да зборуваме за одземање на правото на глас“, велат од МОСТ.

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права порачуваат дека секој избирач на кого му е повредено лично избирачкото право во секоја фаза од изборниот процес, може да поднесе приговор до Државната изборна комисија непосредно или преку општинската изборна комисија, во рок од 24 часа, која е должна во рок од 4 часа по приемот на приговорот да донесе одлука. Против одлуката на Државната изборна комисија може да се поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа по приемот на решението.

Во европските земји каде што се одржале изборите за време на вонредна состојба, гласањето се одвивало поштенски, електронски или со мобилни гласачки места, како алтернативни начини на спроведување на гласањето. Сепак, Европскиот парламент укажува дека особено електронскиот начин на гласање може да претставува предизвик за државите и алтернативните начини на гласање треба да се спроведуваат многу претпазливо, земајќи ги предвид сите безбедносни ризици“, ни изјавија од Хелсиншкиот комитет.

Оттаму известуваат и дека нивната канцеларија ќе биде отворена на денот на изборите и граѓаните ќе имаат можност да пријават евентуални прекршувања на избирачкото права на телефонскиот број (0)2 3119 073 или на helkom@mhc.org.mk.

Правото на глас во Уставот на Република Северна Македонија е регулирано во Членот 22:

„Секој граѓанин со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право. Избирачкото право е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање. Избирачко право немаат лицата на кои им е одземена деловната способност“, стои во највисокиот правен акт.

Од земјите во регионот, на неодамнешните парламентарни избори во Хрватска, иако првично беше забрането гласање на заразени со коронавирусот, тамошниот Уставен суд пресуди државата да најде процедура според која секој граѓанин во ваква ситуација ќе може да го искористи своето гласачко право по прилагодени услови. Хрватската изборна комисија, по оваа одлука, го промени упатството и овозможи овие граѓани да гласаат од своите домови во посебна процедура.

Во Србија, каде исто така неодамна беа одржани претседателски избори, на лицата кои беа болни или во самоизолација поради коронавирусот не им беше овозможено да гласаат. „Ако не можат да одат да купат леб, логично е и да не можат да гласаат“, рекла претседателката на градската изборна комисија во Ниш, додавајќи дека иако постои можност за гласање надвор од избирачките места, тоа не можат да го овозможат на лицата во изолација.

***

Од Државната изборна комисија на Северна Македонија соопштија дека до 8-ми јули, на полноќ, кога истече рокот за пријавување, вкупно 697 болни од Ковид-19 и лица во самоизолација се пријавиле за гласање. Тие своето гласачко право ќе можат да го искористат од своите домови на 13 јули.

На веб-страницата izolacija.sec.mk досега се поставени статистички податоци за 415 лица кои се пријавиле за гласање од самоизолација. Најголем број од нив се од Тетово – 46, по што следуваат Струга и Гази Баба со по 31 пријавен граѓанин за гласањето и Кичево со 30 пријавени граѓани за гласање.

Даниел Евросимоски