Новиот состав на Европскиот Парламент стартуваше со протести

Анти-ЕУ протест од членовите на британската „Брегзит“ партија, како и демонстрации на каталонските националисти чии европарламентарци имаат забрана за вршење функција, ја одбележаа првата седница на новиот состав на Европскиот Парламент во Стразбург.

Седницата се одржува додека лидерите на Европската Унија трет ден преговараат за тоа кој ќе ги пополни највисоките функции на Унијата. Неколку лидери веќе изразија оптимизам дека се приближуваат кон договор, додека Италија и источните земји го одбија претходниот компромисен договор.

Претседателот на Европарламентот, Антонио Тајани, кому му завршува мандатот, ја свика седницата, која традиционално започна со интонирање на Одата на радоста од Бетовен на која стојат сите парламентарци. Сепак дел од составот не стоеше на химната, додека членовите на анти-ЕУ партијата „Брегзит“ ги свртеа грбовите во протест.

„Стоењето е израз на почит. Тоа не значи дека неопходно ги делите ставотите на Европската Унија. Дури и кога слушате химна од друга држава стоите на вашите нозе“, изјави Тајани по протестот.

Пред Парламентот стотици демонстранти од Каталонија протестираа поради тоа што на три функционери, кои се залагаат за отцепување од Шпанија, им било забрането да ги извршуваат своите функции. Истовремено во салата нивните колеги поставија три фотографии од европарламентарците кои недостасуваат на нивните места.

Се работи за поранешниот каталонски претседател Карл Пуџдемон и Тони Комин, кои имаат забрана за вршење функција бидејќи побегнаа во Брисел по референдумот за независност и не присуствуваа на полагањето заклетва во Мадрид, како што се бара според правилата. Друг сепаратистички лидер, Ориол Хункерас, е во притвор во Шпанија каде против него се води судски процес.

Европскиот Парламент утре треба да избере претседател, со што ќе биде ставен дополнителен притисок врз ЕУ лидерите. Европарламентарците ќе треба да се согласат со номинацијата за претседател на Европската Комисија.

Меѓу главните кандидати кои се издвојуваат за највисоката функција во ЕУ се Франс Тимерманс, Манфред Вебер и Маргрет Вестагер, додека за функцијата претседател на Европскиот Совет се споменува името на Кристалина Георгиева од Бугарија.