Новиот албум на „Undone“ ќе биде претставен во „Ла Кања“

Албумот „Everything Is new under the Sun“ на колективот е „Undone“ ќе биде промовиран на забава во „Ла Кања“ во Старата скопска чаршија на 2 јуни, со почеток од 20:30 часот.

„Церемонијата ќе биде проследена со визуелно сетилни тенцувачки искуства, диџеј Александар Сандревски и некои пенливи изненадувања…“, стои во најавата на настанот.

Приказната за „Undone“ започна во 2010 кога Ронит Бергман беше поканета во Македонија на направи поетски перформанс. Потоа, перформансот продолжи на интернационален поетски фестивал во Струга, а подоцна се претвори во албум „If We Are Here“ (2011). Останувајќи на експерименталниот поетски-рок пат, следниот албум „Indeed“ беше создаден низ тридневна џем сесија, по што Бергман имаше се повеќе колабораации со пријатели, луѓе што ги запознаваше преку интернет, или со музичари од Македонија.

„Undone“ и пријатели

Обично музичарите кои учествуваат во колективот „Undone“ имаат свој проекти и бенд, па кога работат заедно – секој со свој музички белег се вклучува во создавањето на песните, свират, пеат, креираат звук… На тој начин беше издаден „Family“ во 2016 година,  и „kNOWing Eva“ во февруари 2017.

Моментално колективот е составен од Дарко Јаневски – задолжен за миксање, снимање, продуцирање, потоа Андреј Анастасов – Даскаловски (Еди) на тапани, Дарко Тасевски на гитара, Мустафа Мусо Јонузовски на бас, Филип Бошевски – гитара, Влад Каевски на сајзер и Ронит Бергман е вокал/гитара.

Музиката на „Undone“ често патува низ она што се вика „exotic sandalgaze quest“, алтернатива, нео-психоделија, спејс-поезија…