Новиот Ајфон ќе ги предупредува корисниците кои премногу го употребуваат

Епл подготвува софтвер во новите Ајфон уреди кои ќе им укажуваат на луѓето да направат паузи доколку предолго го користат смартфонот, пренесува Индепендент.

Потегот доаѓа откако компанијата беше критикувана од повеќе организации, но и од сопствени акционери, за тоа што ги прави телефоните да создаваат преголема зависност кај корисниците.

Следната недела Епл ќе се одржи Глобална конференција за девелопери, на која ќе биде прикажан новиот Ајфон софтвер, веројатно под името iOS 12, меѓу повеќе напредни софтверски решенија.

И, иако вообичаено компанијата најавува нови услуги кои ги охрабруваат луѓето повеќе да го користат Ајфонот, оваа година, според гласините до кои дошол весникот, новиот софтвер може да има опции со намера луѓето да го користат смартфонот помалку, или барем покорисно.

Овие нови опции најверојатно ќе бидат наречени „Дигитално здравје“ и ќе содржат серија алатки кои ќе покажуваат на луѓето како ги користат нивните смартфони и таблети и во детали ќе пресметува колку време поминуваат на овие уреди.

Претходно два големи акционери на Епл предупредија дека користењето на телефоните од децата може да доведе до нарушување на нивниот развој и дека компанијата треба да најде начин за справување со тој проблем.