Новинарите за „орвелијанскиот“ експеримент на Фејсбук и влијанието врз демократијата

Фејсбук е под критики за загрижувачкото влијание врз демократијата по нивната „орвелијанска“ одлука да ги отстранат професионалните медиуми од основната страница (news feed) во шест земји, пишува Гардијан.

Експериментот, кој започна на 19 октомври, сè уште трае. Со него се ограничува основната страница со содржини на социјалната мрежа, само на лични постови и платени реклами.

Таканаречените јавни (public) објави, како оние на фејсбук страниците на медиумските организации, се преместени во посебен сегмент наречен „explore“. Како резултат на тоа, медиумските организации од 6 држави кои сочинуваат 1% од светското население – Србија, Шриланка, Камбоџа, Боливија, Гватемала и Словачка – преку ноќ ја изгубија една од најважните платформи за објавување на своите содржини.

„Посебното јазиче „explore“ поништи 66% од нашиот сообраќај. Едноставно го уништи… години напорна работа беа просто пометени. Катастрофално е и јас сум многу, многу загрижена“, вели Дина Фернандез, новинарка и член на уредништвото на информативниот сајт „Soy502“ од Гватемала.

Во Словачка, податоците од аналитичкиот сајт „КраудТенгл“ во сопственост на Фејсбук, покажува пад од 60% во интеракциите – лајкови, споделувања и коментари на фејсбук страниците на голем дел од медиумите во земјата.

Филип Струхарик, словачки новинар од информативниот сајт „Денник Н“, вели дека ситуацијата од тогаш е уште повеќе влошена, со дополнително опаѓање за 5%.

„Малиот досег (reach) може да биде проблем за помалите издавачи, граѓански иницијативи, мали невладини организации. Тие не можат да си дозволат да плаќаат за дистрибуција на Фејсбук преку „бустање“ на објави, а немаат инфраструктура да стигнат до луѓето на поинаков начин“, вели Струхарик.

Тој мисли дека неговиот работодавач ќе ја преживее промената. „Денник Н“ има приходи од претплата, што значи дека не зависи од големиот сообраќај кој може да го покрене Фејсбук за приходи од реклами и се осигурува дека нивните најверни читатели одат директно на нивната интернет-страница за да ги прочитаат вестите.

Сепак, Фернандез во Гватемала, е многу позагрижена.

„Дури и Фејсбук да ја поништи промената денес,  не знам колку време ќе ни биде потребно да се опоравиме. Доколку тоа го направат бргу, ќе биде полесно, доколку им треба повеќе време, можно е да престанеме да постоиме“, вели таа.

„Soy502“ е нов сајт во нестабилна демократија, каде новинарите и граѓанското општество сè уште се соочуваат со тешка борба да биде слушнат нивниот глас.

„Во моментов имаме подла кампања во која мета се новинарите, што е навистина лошо, потпомогната од интересни групи кои се против анти-корупциското движење во нашата земја. Во регионот не сметаат за успешна приказна од новите медиуми во дигиталната ера. Ова може да не уништи“, вели Фернандез.

Сегментот „explore“

Префрлањето на медиумските содржини во јазичето „explore“, посебниот сегмент на социјалната мрежа, кој веќе се користи глобално, значи дека корисниците кои навистина сакаат да ги прочитаат објавите на страниците кои ги следат, мораат да го отворат овој дел за да ги пронајдат, доколку успеат во тоа.

„Не знам кои се критериумите кои се користат за прикажување на вестите. Гледам многу безначајни работи на страницата. Барем со претходните алгоритми, можеше да се има идеја што ќе биде прикажано. Со овие новиве, сè е чудно“, вели Фернандез.

Таа илустрира некои примери од објави кои ја исполнуваат нејзиниот „explore“ сегмент: клипови од борење и ријалити ТВ емисии од фејсбук страници како „Filosoraptor“ или „Cabronazi“ (илустрирана со слика од Адолф Хитлер во розева униформа), но сосема малку има од содржината на страниците кои таа и нејзините колеги избрале да ги следат.

„Мојот тајмлајн ми покажува многу малку локални вести“, вели.

Во Словачка мемињата и гифовите се подобрата друга крајност.

„Мојот „explore“ сегмент изгледа релативно нормално, но некои луѓе ми кажаа дека таму наидуваат на многу различни содржини – стари шеги, крајно-десничарски страници, објави од нестандардни политичари. Имаме регионални избори за две недели и многу членови на фашистичката партија се кандидати, така што не е добро време да се сокриваат објави на сериозните вести и да се прикажува на луѓето чуден коктел на случајни популарни објави“, вели Струхарик.

Каде што има губитници, таму има и победници.

„Милиони издавачи од сите видови и големини имаат фејсбук страници, па така што сигурно има некој што профитира од ова“, вели Џим Андерсон, генерален директор на SocialFlow, мега-издавачот на Фејсбук.

„Генерално, загриженоста на издавачите е дека основната страница е примарно фејсбук искуство за поголемиот дел од корисниците. Промена на навиката на две милијарди луѓе, за добивање на информации од друго место е тешка работа“, додава Андерсон.

„Изгледа како да немаме никакво значење, нели?“

Фејсбук подолг период тестира промени на својот производ во своите подсекции за корисниците. Кога сакаа да покренат нова алатка за објави, на пример, го направија тоа прво во Ирска. Кога сакаа да тестираат нова апликација за камера, го направија тоа во Бразил. А кога тестираа реклами на Месинџер, експериментот се одвиваше во Австралија.

Но во овој случај, стандардната пракса на фокусирање на помали и помалку развиени земји кои не се толку значајни за приходите на компанијата, значи дека земјите кои се погодени се оние кои имаат голема потреба од стабилен медиумски екосистем.

„Независните медиуми во мојата земја се многу важни за градење нова демократија и борбата против корупцијата. Сега, користиме Фејсбук Лајв за да ги пренесуваме судските сослушувања во случаите на корупција. Со оваа „катастрофа“, изгубивме околу 57% од кликовите на дневна база“, вели Ото Ангел, телевизиски новинар од Гватемала.

„Доколку можев да зборувам со некој службеник од Фејсбук, ќе побарав доколку е можно да го повлечат овој проект“, додава Ангел.

Фернандез го обвинува Фејсбук дека едноставно не им е грижа што се случува со оние кои се погодени од експериментот:

„Изгледа како да ги избрале сајтовите на пазарите кои се подем, каде не сме значајни. Ние во „Soy502“ работевме напроно да бидеме доверлив информативен сајт пред четири години, а сега тоа може да биде уништено веднаш“.

Во соопштение објавено во понеделникот, директорот за главната страница на Фејсбук, Адам Мосери, изјавил дека компанијата во моментов не планира да го продолжува тестирањето, додавајќи дека целта била да се провери дали фејсбук корисниците претпочитаат личните и јавните објави да бидат одвоени. Доколку резултатите се позитивни и доколку Фејсбук оцени дека параметрите кои ги бара за оптимизација се подобрени од експериментот, тогаш плановите можат да се променат.

За оние кои се засноваат на Фејсбук за политички кампањи, споделување ударни вести или следење на светските новости, ова сепак е размислување кое застрашува.

„Загрижен сум за влијанието на Фејсбук врз демократијата. Една конкретна компанија има огромна контрола врз протокот на информации низ светот. Само ова треба да биде загрижувачки, бидејќи е целосно орвелијански“, смета Фернандез.