Новинарите, „Чувари на вистината“, се личност на годината на „Тајм“

Новинари кои биле убиени или затворени поради својата работа се прогласени за „Личност на годината“ за 2018 од магазинот „Тајм“. „Чуварите на вистината“, како што се нарекуваат, биле изложени на голем ризик барајќи ја вистината.

На насловните страници во четири поединечни изданија се најдоа портретите на Џамал Кашоги, кој беше убиен во саудиската амбасада во Турција. Потоа, редакцијата на „Капитал газета“, американскиот весник каде што петмина беа убиени, Мариа Реса од Филипините и сопругите на новинарите од „Ројтерс“, Ва Лоне и Кјав Сое Оо.

Дури и лицето кое ги направило фотографиите што се најдоа на насловните на „Тајм“ е фоторепортер кој бил затворен и ставен на црна листа во период од две децении поради известување за политички пресврти и заедници опустошени од војни низ целиот свет.

„Со прикажување на четири различни насловни страници, ние можевме да засилиме различни гласови низ светот“, вели креативниот директор на „Тајм“, Д.В. Пајн.

„Во процесот на извршување на својата работа, лицата од нашите насловни страници се соочиле со опасни закани кои потоа прераснаа во глобална војна со вистината“.

Биле фотографирани 26 новинари од седум држави, меѓу кои од Мјанмар, Бангладеш, Русија, Германија и Мексико.

„Потребна е храброст за голем дел од овие луѓе да продолжат да го прават тоа што го прават“, вели фотографот Моизес Саман, кој работеше на насловните страници.

Во своето 20-годишно искуство, Саман посведочил дека средината за новинарите станува полоша „не само во воените зони, туку и известувајќи од Белата куќа“.

Саман вели дека честопати бара достоинство и надеж наспроти конфликт. Во неговата приказна, тој наоѓа надеж во упорноста на новинарите.