Нови рекордни 535 случаи на Ковид-19 во изминатото деноноќие – починаа шест лица

Министерството за здравство (МЗ) вечерва информираше дека во последните 24 часа се потврдени 535 нови случаи на Ковид-19, односно, регистрирани се 277 случаи во Скопје, 30 во Струмица, 26 во Прилеп, 24 во Гевгелија, 22 во Штип, 18 во Тетово, 17 во Куманово, 15 во Кичево, 13 во Битола, 12 во Кочани и десет случаи во Велес.

Потоа, девет случаи се регистрирани во Свети Николе, по осум во Струга и Ресен, седум во Дебар, шест во Радовиш, по пет во Гостивар, Валандово и Неготино, по четири во Охрид и Кавадарци, три во Пробиштип, по два во Крива Паланка и Демир Хисар и по еден случај е регистриран во Македонски Брод, Виница и Делчево.

Од МЗ соопштија дека од Ковид-19 во изминатото деноноќие починале шест лица во болнички услови, односно пациент од Битола на 66 години, пациент од Куманово на 57 години, пациент од Прилеп на 72 години, пациент од Свети Николе на 69 години, пациент од Велес на 67 години и пациент од Неготино на 55 години.

Институтот за јавно здравје регистрирал 168 оздравени пациенти, односно, Скопје-68, Штип-4, Прилеп-14, Тетово-11, Струга-4, Велес-5, Битола-10, Охрид-2, Кавадарци-2, Гостивар-3, Гевгелија-5, Струмица-8, Кочани-14, Пробиштип-1, Берово-5, Виница-4, Делчево-2, Свети Николе-3, Кичево-1, Неготино-2.

„Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 22170, бројката на оздравени пациенти е 16758, на починати е 815, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 4597. Од вчера се регистрира еден контролен тест“, стои во соопштението на МЗ.

На Инфективната клиника во Скопје во изминативе 24 часа се примени 19 пациенти, а вкупно се хоспитализирани 95 пациенти. Од нив, на кислородна поддршка се 63 пациенти, а нема пациенти на механичка вентилација.

Во болницата во Козле хоспитализирани се осум деца и девет мајки позитивни на Ковид-19, и едно дете и две мајки суспектни на вирусот.

„Во ГОБ „8 Септември“ има 5 приеми, а вкупно хоспитализирани се 40 пациенти. На респиратор е 1 пациент.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 40, а во болницата во Штип се 50 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица, Струга и Кочани се хоспитализирани 216, позитивни и сомнителни на Ковид-19.“, информираат од МЗ.

Досега во земјава се направени вкупно 214.235 тестирања на Ковид-19, а во изминатото деноноќие се направени 2.445 теста.