Нови 14 дена вонредна состојба, соопшти Пендаровски

Во текот на денешниот ден ќе биде донесена одлука за прогласување на нови 14 дена вонредна состојба која ќе започне да тече од утре, изјави денеска претседателот на државата Стево Пендаровски по седмата оддржана седница на Советот за безбедност.

„Јавноста е веќе информирана дека бројот на новозаболени и за жал на починати наши сограѓани, започна да расте во изминатите неколку денови. Точно е дека во најголемиот број на општините ситуацијата е стабилна, но за некои општини постои сериозна загриженост. Со оглед на последните трендови, премиерот Спасовски на седницата го образложи барањето на Владата за прогласување на дополнителни 14 дена вонредна состојба“, изјави Пендаровски.

Пендаровски посочи дека одлуката за новите 14 денови вонредна состојба е поврзана исклучиво со намерата да и се овозможи на Владата и на останатите надлежни институции, поефикасно да се справуваат со здравствените, но и со економско-социјални ефекти од пандемијата.

„Нема никаква корелација со датумот на парламентарните избори што е предмет на договарање во поинаков политички формат и по сосема други комуникациски канали различни од Советот за безбедност“, додаде Пендаровски.

Претседателот упати порака до Владата дека негативните трендови во некои општини не смеат да бидат повод за да се вратат рестриктивните мерки на целата територија и кон сите граѓани.

„Надлежните органи и министерства мора да ги санкционираат сите граѓани кои не ги почитуваат мерките, без исклучок, неселективно, сосема независно, од нивната етничка и верска припадност. Со неказнувањето на оние кои свесно не ги почитуваат законите, се остава простор за враќање на кризата на самите почетоци и крајно неоправдано, заради тоа сите останати треба да ги трпат рестриктивните мерки, иако за сето време ги почитувале и законите и препораките“, посочи Пендаровски.

Тој им се заблагодари на, како што вели, огромното мнозинство граѓани за тоа што трет месец крајно дисциплинирано и совесно ги почитуваат препораките за заштита на своето здравје и здравјето на своите најблиски.

„Истовремено сакам да упатам апел до нив, до сите нас, да не се опуштаме и со тоа да ги доведеме во прашање сите позитивни резултатите кои ги имавме до сега во борбата против пандемијата. Ние оваа битка сигурно ќе ја добиеме, но мораме да останеме совесни и одговорни до самиот нејзин крај“, порача Пендаровски.

На 18 март поради состојбата со коронавирусот Ковид-19 за прв пат во историјата на државава Пендаровски прогласи вонредна состојба. По истекувањето на вонредната состојба, претседателот донесе нова одлука со која се прогласи вонредната состојба и во наредните 30 дена.

На 15 мај, пак, Пендаровски повторно прогласи нова вонредна состојба во времетраење од 14 дена.