Нова вртелешка поставена пред Министерството за надворешни работи

При крај е монтажата на вториот рингишпил во центарот на Скопје, поточно на плоштадот „Пресвета Богородица“ спроти Министерството за надворешни работи, информираше денеска директорот на ЈП „Паркови и зеленило“ Душко Авировиќ, под чија надлежност е ДООЕЛ „Луна“ со кој стопанисува Јавното претпријатие.

„Вториот карусел се поставува на левиот брег на реката Вардар. Ова ќе биде привремено решение бидејќи во тек е реконструкција на Луна паркот и штом одредени работи ќе завршат вртелешката во најскоро време ќе биде префрлена во Луна паркот“, појасни Авировиќ.

Информираше дека од првиот карусел по четири години се изедначени трошоците со добивката од неговото работење и од оваа година се очекува да остварува приход. Истото го кажа и за втората вртелешка за која, како што рече, треба да остварува приходи по шестата година. Каруселот ќе поче со работа од наредната недела.

Првиот карусел е поставен на кејот на Вардар, во близина на плоштадот „Македонија“. Вредноста на вториот изнесува 11.500.000 денари што е повисока од првиот рингишпил.