Нова танцувачка вечер на „Оффест“ во МКЦ

Музичките фанатици денес (7 јуни) ги очекува претпоследната ноќ на 18. издание на „Оффест“, а последна вечер во МКЦ, каде од 20 часот докај полноќ ќе се одржат концертите на „Love and Revenge“ и „Romperayo“.

„OFFest е музика. OFFest е инаквост. OFFest е слобода. OFFest е еднаквост. ОFFest е обединување. OFFest е љубов. OFFest е светот кај нас и ние во светот. OFFest е почитување на различностите. OFFest е културен натпревар меѓу народите…. Но, OFFest е, исто така, и покана за ТАНЦ. В петок навечер во МКЦ несомнено ќе танцуваме“, стои во најавата за вечерашните концерти.

Први на фестивалското мени ќе бидат „Love and Revenge“ од Либан, или како што ги нарекуваат „арапските Gotan Project”. Се работи за заеднички проект на либанскиот хип-хоп пионер Рејес Бек и визуелната уметница Ранда Мирза.

Материјалите за своите визуелни и аудио семплови ги наоѓаат во уметничките дела на таканаречената „златна ера“ на арапската култура, во арапската музика и филмовите од 40-тите и 50-тите години на минатиот век. „Love And Revenge“ настапуваат во живо, пред платното врз кое во текот на концертот се прикажуваат романтични сцени од класичните арапски филмови.

Крај на вечерта е резервиран за  електро-психоделичните звуци на колумбијските херои „Romperayo“.Според најавите , аудиториумот го очекува брзодвижечко музичко патување низ колумбискиот тропски фолклор, палава и модерна интерпретација на психоделичните звуци на популарната кумбија и другите тропски ритми од 70-тите.

„Очекувајте фасцинантен музички огномет на електро-психоделична кумбија, кој не само што ги движи колковите и нозете, туку и го става вашиот ум во блажена состојба“, најавуваат од „Оффест“.

Досега, „Оффест“ понуди воведна вечер со велшката харфистка Катрин Финч, сенегалскиот кора мајстор Секу Кеита и прв настап на фестивалот на Крсте Роџевски.

Потоа, фестивалот се пресели во МКЦ, каде повторно гостуваа Басеку Кујате и Нгони Ба од Мали, следуваше нова ноќ во МОБ со енергичната Фатумата Дијавара, а синоќа се одржа т.н. „Балканска вечер“ со „Сондорго“ и „Џамбо Агушев Оркестра“.

Финалето ќе биде утре на полноќ во „Епицентар“ со Деди Џи од „Масив атак“.