Нов тренд во Европа – сместувањето се плаќа со работа

Во Лондон се издава соба од куќа за само една фунта месечно, под услов станарот да му помага на сопственикот во неговиот бизнис со веб апликации.

Рекламата за издавање на „големата и чиста соба со интернет“, во Стратфорд, источен Лондон беше објавена на страницата Easy Roommate од бизнис аналитичарот Adam Mughal.

Меѓутоа, повикот се однесува само за дипломирани студенти кои работат со мобилни и веб мрежи.

„Јас немам ресурси или буџет да вработам човек со целосно работно време, но оваа шанса му дозволува некому да остане во Лондон каде сместувањето е скапо и да работи повремено за мене“, изјави 32-годишниот Mughal.

Повеќе од 1200 се огласиле на рекламата, која беше објавена пред две недели.

Според извршниот директор на компанијата Albin Serviant, размената на сместување со услуга или работа се појавува како нов тренд во Европа.

„Забележуваме нов тренд, на глобално ниво каде сопствениците ги издаваат нивните соби во замена на услуги или вештините кои им се потребни“, вели Serviant.

„Животот во Лондон е се поскап, така што не би бил изненаден ако видам зголемен тренд на реклами од таков тип објавени на нашата веб страница во наредните години“, додава тој.

Просечната цена на соба во Лондон е 692 фунти месечно, според Easy Roommate.