Нов смртен случај од Ковид-19, 25 новозаразени

Уште еден смртен случај е регистриран од коронавирус во државава, а се работи за пациентка на 65-годишна возраст со претходни заболувања на белите дробови, со зголемен крвен притисок, дијабет и хронична болест на срцето, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче. Во изминатите 24 часа, пак, се регистрирани нови 25 случаи на пациенти со коронавирус, односно седум случаи во Скопје и Куманово, пет случаи во Тетово, два во Прилеп и Струга и по еден случај во Гевгелија и Кочани. Со ова, бројката на заразени се искачи на 354 пациенти, додека вкупниот број на тестирања изнесува 3.775.

Во меѓувреме, на Клиниката за инфективни болести вчера се примени девет нови пациенти, па во моментов се хоспитализирани 59 пациенти. Од нив со потешка клиничка слика се 12 пациенти, од кои пет пациенти се поставени на механичка вентилација.

„Денеска од Клиниката за инфективни болести се испишани пет пациенти кои што на двата контролни теста се негативни. Тие се во добра здравствена состојба и ќе се упатат на домашно лекување. Од 28-те пациенти во Дебар кои што се наоѓаат на домашно лекување, на 11 од денеска, па во следните денови, се земаат контролните брисови. Тие се во сосема добра здравствена состојба. Поминати се доволен број денови за да се очекува дека тие согласно нивната состојба се негативизирани и согласно тоа ќе се постапи во однос на нивниот натамошен третман“, додаде Филипче.

Вчера во попладневните часови, со возило на брза помош во Скопје била донесена родилка од Охрид на 37-годишна возраст со висока телесна температура и со констатиран мртов плод, која починала за време на интервенцијата. Земен е брис за коронавирусот и се чекаат резултати. Исто така, родилка од Куманово на возраст од 27 години, која била примена на 30 март на Клиниката за гинекологија во Скопје каде е породена со царски рез, ден покасно, на 31 март, резултатите покажале дека е позитивна на коронавирусот. Пациентката при приемот била без температура, но укажала дека неколку денови претходно имала температура и сува кашлица, но и дека член на семејството има симптоми кои можеби укажуваат на инфекција со коронавирусот.

Двете родилки, како што соопшти Филипче, биле третирани и било постапено со нив според протоколот за изолација во гинеколошкоакушерската клиника, каде што се третираат и породуваат сите родилки.

„Со оглед на тоа што во болницата „8-ми Септември“ каде што се прават другите интевенции за пациенти суспектни или позитивни на коронавирусот, нема гинеколошкоакушерско одделение со цел да се растерети работата на клиниката во договор со болницата во Чаир, другите случаи по потреба се упатуваат таму, а со цел да се ослободат капацитетите“, појасни Филипче.

Оттука, Филипче апелираше сите пациентки кои што доаѓаат на Клиниката за гинекологија и акушерство да се придржуваат до сите дадени насоки и да кажуваат точни информации, заради тоа како што рече, е исклучително важно за зачувување на здравјето на родилките.

Медицинска сестра од Куманово која што работи на Клиниката за пуломологија, е исто така позитивна на коронавирусот.

„Минатата недела била во резервниот тим во сосем добра општа состојба, без никакви симптоми дошла на работа во понеделникот. Вчера почуствувала зголемена телесна температура, земен е брис и истата е позитивна на вирусот. Таа за време на работниот процес во овие два дена додека била на клиниката била со целосна заштитна опрема и маска и ракавици. Меѓутоа, направени се интервјуа со колегите, медицинските сестри после што ќе се постапи согласно податоците“, додаде Филипче.

Сите пациенти од Заводот за рехабилитација во Козле, во меѓувреме се испишани и пратени на домашно лекување, а за оние кај кои што е поставена индикација, амбулантски ќе се вршат третмани во болницата „8-ми Септември“.

Во Охрид, пак, е завршен и увидот од страна на државниот санитарен и здравствен инспекторат каде се изречени казни за неколку лица.

„Изречени се казни на претходната директорка, на доктори специјалисти од одделот за инфектологија како и на самата институција. Во периодот кој што следи, од неколку денови ќе се направи и стручен увид од страна на лекарската комора, после што случајот ќе се дискутира и ќе заседава етичката комисија на лекарската комора“, рече Филипче.

М.К.