Нов протест во Будимпешта поради отстранувањето на универзитетот основан од Сорос

Студенти и професори вчера протестираа низ улиците на Будимпешта за да се спротивстават на владините мерки според кои универзитетот, основан од страна на американскиот милијардер, Џорџ Сорос, треба да биде дислоциран од Унгарија.

Централно-европскиот универзитет (ЦЕУ) најави дека ќе се пресели во Виена доколку унгарскиот премиер Виктор Орбан до 1 декември не обезбеди правна рамка за продолжување на работата на оваа институција во Унгарија.

ЦЕУ речиси три децении нуди американски факултетски програми за илјадници студенти од поранешните социјалистички земји од Источна Европа.

Сорос повеќепати беше обвинуван од владата на Орбан дека сака да ја уништи европската цивилизација со прифаќање на стотици илјади мигранти на континентот.