Ви го пренесуваме ставот на Националниот младински совет на Македонија по укинувањето на екстерното тестирање во македонското образование:
„Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) ја поздравува одлуката на новото парламентарно мнозинство за укинување на екстерното тестирање, кое во изминатите години се покажа како реформа која го крши Законот за средно образование и не ги инкорпорира четирите параметри за оценување одредени од Бирото за развој на образование. И покрај реакциите на средношколците канализирани преку Средношколски Пленум, како и реакциите на младинските организации, дел од нив членки на НМСМ, наставниците и граѓаните, реформата сепак беше имплементирана.
Апелираме до новото парламентарно мнозинство и до новоформираната Влада, сериозно да ги земе предвид забелешките и препораките на младинските организации при креирањето на политики и реформи за младите и за образованието и да инсистира на вклучување на засегнатите страни во ваквите процеси. Исто така, иако го поздравуваме укинувањето на екстерното тестирање, препорачуваме создавање и имплементација на сеопфатен систем за евалуација на образованието, нешто што нашите членки, експерти во областа на образованието, го препорачуваат.
Во овој контекст, и во насока на имплементирање на одржливи политики, ќе инсистираме Националниот младински совет на Македонија како најголемо младинско претставничко тело да биде препознаен како релевантен чинител и партнер во ваквите процеси и да биде вклучен во сите фази за креирање на политики кои директно ги засегаат младите, вклучувајќи ги и образовните реформи. Затоа, Националниот младински совет на Македонија повикува на сеопфатна консултацијата со релевантните чинители, како клучен метод во создавањето на сеопфатни и одржливи образовни политики во Република Македонија“, стои во соопштението на НМСМ