Низа реакции од медиумските организации за случајот со Бојан Јовановски и новинарката Мери Јордановски

Повеќе организации на новинари и медиумски работници го осудија, како што соопштија, односот на застапникот на раководството на 1 ТВ Бојан Јовановски кон новинарката на „Макфакс“ Мери Јордановска по повод нејзините критики за емисијата „Инсајдер” емитувана на оваа телевизија.

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) потенцира дека таквите критики единствено може да се разберат како закани кон новинарката и нејзината критичка проценка за начинот на којшто работат други медиуми, нешто што како носител на професијата таа апсолутно смее да го прави и е дозволиво со Законот за медиуми.

„Ваквите притисоци врз новинарите, било директни или индиректни, сериозно може да влијаат врз начинот на којшто ја остваруваат својата дејност, изборот на сториите за кои што известуваат и начинот на којшто ќе обработуваат прашања од јавен интерес“, наведува СЕММ.

Слободата на изразување, посочува Советот, подолго време била на удар на голем број моќници кои се обидувале да воспостават контрола врз работата на новинарите и медиумите. Притоа цензурата била и ќе остане  непримерен облик на загрозување и ограничување на слободата на изразување во новинарската професија.

„Токму општествената положба на новинарската професија е индикатор за проценка на степенот на кој е загарантирана слободата на изразување, мислење, информирањето, критиката или воопшто постоење на слободен и демократски живот. Притисоците и заканите кон новинарите мора да се разгледаат и од аспект на фактот дека државата подолго време се соочува со пад на слободата на изразување во споредба со други региони во светот, како и во однос на препораките од релевантни домашни и меѓународни тела и организации дека сѐ уште треба да се работи во оваа сфера во потенцијалните земји – членки на ЕУ, укажува СЕММ.

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го осуди однесувањето на синот на сопственикот на „1ТВ“ ,Јовановски кон новинарката Јордановска, потенцирајќи дека секој вид на притисок или закана од страна на лице на менаџерски позиции или блиски до нив врз новинари, претставува загрозување и кршење на слободата на изразување и информирање.

„Ваквите појави негативно се одразуваат на слободата и независноста на медиумите, водат кон појава на автоцензура и придонесуваат за уназадување на демократскиот развој на општеството“, велат од АВМУ.

Од Агенцијата потсетуваат дека согласно со Законот за медиумите, новинарот има право на изнесување на свое мислење и став, согласно со професионалните правила на новинарската професија.

„Од друга страна, Законот за аудио и аудиовозуелни медиумски услуги им наложува на радиодифузерите при вршење на дејноста да ги почитуваат самостојноста, независноста и одговорноста на уредниците, новинарите и другите автори при создавањето на програмите и креирањето на уредувачката политика“, соопшти АВМУ.

Од ЗНМ го осудија случајот, потенцирајќи дека потребно е да се знае дека менаџментот и уредувачката политика се одвоени, согласно домашните и европските пракси и регулативи.

„Ваквите изјави од страна на лица со менаџерска функција во медиум кои се блиски до сопствениците на истиот може да влијаат негативно врз и онака кревката состојба на слободата на изразување и независноста на медиумите“, потенцираа од ЗНМ.

И Самостојниот синдикат на новинарите и на медиумските работници (ССНМ) најостро го осуди односот на де факто сопственикот на „1ТВ“,Јовановски, кон новинарката Јордановска.

„Бојан Јовановски во својот фејсбук-пост суптилно се обидува да ѝ изврши притисок на новинарката со тоа што на јавна сцена ѝ открива дека неговиот и медиумот во кој Јордановска работи преговарале за да соработуваат“, рекоа од ССНМ.

ССНМ ова го сфаќа како опомена за новинарката да внимава што зборува зашто би можела да има последици за нејзиното работно место.

„Ваквите реакции од сопственици на медиуми придонесуваат да се создаде пракса во која сите новинари би се плашеле да го користат своето право на слободно изразување. Сметаме дека вакви коментари директно влијаат врз слободата на изразување која, впрочем, е универзално човеково правo и треба да ја ужива секој новинар за да има минимум услови да работи“, потенцираа од ССНМ.

Редакцијата на „Макфакс“ и Групацијата Клип медија, пак, целосно застануваат зад својата новинарка Мери Јордановска и како и досега, и во иднина, соопштија тие, ќе ѝ гарантираат слобода на изразување и мислење осудувајќи ги сите обиди за закани и влијанија од страна.

„Нашата редакција со него и со ‘1ТВ’ нема никаков договор за соработка, а по вчерашниот негов став, нема никогаш ниту да има“, соопштија од редaкцијата и Групацијата.