„Ни го ограничивте правото на работа, а не се обидовте да ни помогнете“ – организаторите на настани до Влада

Асоцијацијата составени од фирми за организирање јавни настани се пожали на својата незавидна и тешка состојба. Овој сектор веќе една година не работи, или пак работи делумно со ограничувања и како што велат, неисплатливи проекти. Преку отворено писмо упатено до Владата бараат итна средба откако имале неколку неуспешни обиди да стапат во контакт со нејзините членови.

„Се обидовме да бидеме конструктивни, да не  придонесуваме за ширење на заразата, не вршевме притисок врз вас и имавме разбирање за ситуацијата во која сите се наоѓаме. За жал, не го добивме истиот пристап и од Ваша страна. Ни го ограничивте основното човечко право да работиме и да заработуваме, а притоа на ниту еден начин не се обидовте да ни помогнете. Донесовте пакет мерки кој го наменивте за нас. Тој пакет мерки ниту е ставен во функција ниту ќе придонесе за олеснување на нашата тешка состојба“, се вели во отвореното писмо.

Од Асоцијацијата посочуваат дека нивното трпение е пред крај. Тие им даваат рок на Владата и надлежните министерства до 29 март да остварат средба со нив. Во спротивно, најавуваат радикален начин на наоѓање решение.

„Искрено ве замолуваме да не нé терате нашата едногодишна тишина да ја претвориме во голема врева, која нема да престане се додека не се исполнат нашите барања“, се наведува во отвореното писмо.