Невладините и опозицијата ја бојкотираат Хрватската радиотелевизија поради покренување тужби за новинари

Триесетина граѓански организации од Хрватска соопштија дека нема да учествуваат со изјави или гостувања на Хрватската радиотелевизија (ХРТ), откако раководството јавниот сервис покренало вкупно 36 тужби за нарушување на честа и угледот на ХРТ до медиуми и новинари.

Меѓу организациите и здруженијата кои најавија бојкот е и Хрватското новинарско друштво (ХНД), а во заедничкото соопштение тие напоменуваат дека бојкотот ќе трае до 2 март, кога е најавен голем протест на новинарите под слоганот „Новинарството не го даваме!“.

„Намерата на нашиот бојкот е да укажеме на непристојната ситуација во која јавниот сервис тужи медиуми и новинари кои известуваат како се трошат јавните пари и со таа политика на застрашување и притисок дополнително ги рушат медиумските слободи во Хрватска“, стои во писмото на Јелена Берковиќ, директорка на ГОНГ, една од организациите кои најавија бојкот.

„За жал, ХРТ денес е окупирана и не е јавниот медиумски сервис каков сакаме да биде и каков мислиме дека заслужуваме како граѓани на демократска република, во која медиумите, а особено јавните медиумски сервиси, имаат важна улога во информирањето на граѓаните за тие да можат да носат одлуки на изборите, референдумите и во другите животни ситуации“, додала Берковиќ.

Покрај невладиниот сектор, денеска кон бојкотот се приклучија и претставниците на најголемата опозициска Социјалдемократска партија (СДП), кои побараа екипата на ХРТ да ја напушти нивната пресконференција бидејќи не сакале да даваат изјава за јавниот сервис.

„Не е до вас лично, јас се извинувам, но се приклучивме на бојкотот на ХРТ и акцијата на Хрватското новинарско друштво, кој ќе трае до 2-ри март. Со тоа протестираме протви, според нас, најлошиот јавен сервис во Европа“, рекол Гордан Марас, претседателот на загрепскиот огранок на СДП.

Директорот на ХРТ, Казимир Бачиќ во отворено писмо до јавноста наведува дека поради подигнатите тужби за заштитата на честа и угледот телевизијата „била изложена на политички притисок и оркестрирани напади“.

„ХРТ е шокирана од обвиненијата за цензура, со оглед на тоа што во сите сегменти на својата работа ги почитува правилата на професијата, објективно и балансирано известува за случувањата и отворена е за сите општествени групи, организации и политички опции“, смета Бачиќ, додавајќи дека јавниот севрис не сака да биде дневно-политичко средство за политички пресметки и предизборни кампањи.

ХРТ последниве месеци подигна 36 тужби против Хрватското новинарско друштво, новинари и медиуми поради нарушување на честа и угледот.