Невладини организации формираат фронт против најавените проекти на Галичица

Невладини организации, екологисти, планинарски и спортски клубови формираат фронт против реализација на најавените инфраструктурни проекти во Националниот парк Галичица, каде согласно измените во планот за управување, кои се во завршна фаза, ќе се гради експресен пат, ски центар и туристички развојни зони, пишува порталот Ohridnews. . Тие бараат итно стопирање на проектите, за кои сметаат дека се мегаломански и нереални и наместо развој можат да доведат до стагнација на туризмот.

„Не сме против развојни проекти но во овој момент најмалку е потребна изградба на експресен пат на Галичица кога анализите од последните 3-4 години говорат за постојан раст на бројот на гости кои сакаат активен туризам, спелеологија, планинарење, нуркање и други активности во природа“, вели Александар Јованоски, туристички и спортски работник и активист.

Тој посочува дека изградбата на експресниот пат според прикажаниот план ќе чини многу скапо и дека е многу подобро да се изнајдат алтернативни решенија за подобрување на сообраќајната инфраструктура на источното крајбрежје. Додава дека само првата траса од Охрид до Пештани ќе чини 48 милиони евра без тунел кој според меѓународната консултантска куќа ангажирана во изработката на ревидираната стратегиска оцена за влијание врз животната средина, треба да се изгради на потегот од Метропол до Елешец, бидејќи тој простор претставува природен коридор за животните кои од Галичица се спуштаат до езерото по вода.

Според алпинистот и долгогодишен активист во невладиниот сектор Антонио Додевски, актуелниот момент не е најповолен за реализација на скапи проекти на Галичица кога не се решени основните потреби на граѓаните.

„Минатата година Охрид беше отсечен од светот затоа што патиштата не ни беа исчистени од снегот. Постојниот пат преку Галичица со години не се одржува, а граѓаните ги мачат бројни други проблеми од реалниот живот. Би сакал да ме убедат дека ова општество дошло до стадиум кога ни е потребен ваков експресен пат и ски центар“, вели Додевски.

Целиот текст прочитајте го на ohridnews.