Нагорната линија на позитивни лица на Ковид-19 загрижи група родители на ученици. Тие денеска пред Владата побараа од Министерството за здравство, заедно со Министерството за образование и наука да донесат одлука со која второто полугодие ќе започне со онлајн настава за сите ученици.
Според нив, нема услови за настава со физичко присуство во како што велат тесни училници, непочитување на протоколи, нетестирање на ученици и персонал и отворени прозорци во зимски услови.
„Во првото полугодие, учениците од основите и средните училишта наставата ја посетуваа во најголем број со физичко присуство, додека еден дел од учениците, според одлукатата на Владата од август 2021 година, поради различни причини ја посетуваа на онлјан принцип. Дел од учениците не беа вклучувани, дел беа уценувани од одредени просветни работници. Сметаме дека правото на образование е загарантирано со уставот, а дел од законите се грубо прекршени“, реагираат од групата „Поддршка за онлајн настава“.
Околу 260 илјади ученици во основните и средните училишта се на тринеделен зимски распуст, кој ќе трае до 19 јануари. Според календарот на Министерството за образование и наука, наставата продолжува на 20 јануари.
Од министерството засега нема информација дали второто полугодие ќе продолжи со физичко присуство или онлајн. Претходно, министерката за образование и наука Мила Царовска посочи дека во случај состојбата драстично да се промени поради ризикот од сојот омикрон, од МОН ќе ја разгледаат ситуацијата и заедно со Комисијата за заразни болести ќе донесат одлука.
Од УНИЦЕФ уште на почетокот на оваа учебна година во неколку наврати ги повикаа властите да вложат напори училиштата да останат безбедни и отворени.
Сепак, оттаму сметаат дека интересите на децата мора да бидат централни при секоја одлука околу работењето на училиштата, па во предвид мора да се земат епидемиолошката состојба со Ковид-19 и еволутивното разбирање на ризиците што ги носат новите варијанти на вирусот.
Притоа, од УНИЦЕФ потенцираат дека училиштата мора секогаш да бидат последни што ќе се затворат, а први што ќе се отворат кога тоа е безбедно да се направи.
Е.П.