Нема распуст за учениците од средното музичко и балетско училиште                             

За разлика од најголемиот број училишта во државава чии ученици периодов се на летен распуст, ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ и во текот на летото работи со полна пареа. Како што велат од училиштето, учениците и по завршување на 9 месечната учебна година секојдневно одат во училиштето. Тие со своите наставници напорно се подготвуваат за своите настапи во текот на наредните неколку месеци.

„Уметноста не трпи заборавање на инструментот.  Посебно кога учениците се спремаат да настапат во различни градови низ Европа“, вели директорот на училиштето Јован Бицевски.

Дел од фестивалите на кои тие учествуваат се Интернационалниот фолклорен фестивал „Традицијта и музиката на Букурешт“ во Романија. На него изминатиов период гостуваа ученици и наставници од Насоката за традиционалната музика и игра.

Периодов во Италија замина и група од 10тина ученици од ова училиште. Таму ќе учествуваат на Фестивалот на млади музичари од Медитеранот. Покрај овие фестивали, на учениците од сите насоки во училиштето им претсојат голем број на други концерти во државата и надвор од неа.

„И понатаму ќе се вложувам максимално за најдобрите ученици да бидат видени на големите сцени во европски градови, а не да останат во своите училници и да настапуваат само пред своите најблиски пријатели и роднини. Навистина е за гордеење да се биде директор на вакви ученици“, додава директорот Јован Бицевски.