„Нема дијалог додека не ни се исполнат барањата“ – Студентските протести во Албанија не стивнуваат

Студентите во Албанија вчера масовно го блокираа сообраќајот во Тирана откако владата не ги исполни нивните барања да го подобри образовниот систем и да се повлече од намерата да ги зголеми трошоците за школарина што ги најави месецов.

Мирниот протест, кој трае веќе цела недела пред зградата на Министерството за образование, е редок случај во држава каде демонстрациите се често организирани од политички партии.

„Откако ќе се исполнат нашите осум барања, може да имаме дијалог. Претходно, нема да има никаков дијалог“, изјавија од движењето „За Универзитетот“.

Нивните барања вклучуваат зголемување на средствата наменети за универзитетот, подобро студентско претставување во управите на универзитетот, повеќе пари за истражување и подобри услови во студентските домови.

Албанскиот премиер Еди Рама преку Фејсбук објава им одговори: „Ќе ве чекам во кое било време, јас сакам да соработувам со вас, не само за да ви одговорам на вашите осум барања, но исто така, сакам овој момент да го претворам во ново лице за универзитетите“.