Владата ја допрецизираше одлуката со која се воведе задолжителен тест за коронавирус за влез во земјава, кој ќе треба да го приложат граѓаните од Србија, Косово, Босна и Херсеговина и Црна Гора. Во дополнувањето, се предвидува дека приложување на ПСР тестот, не постар од 72 часа, нема да е потребен доколку се работи само за транзит на овие граѓани низ земјава, кога користат авионски и организиран превоз.
„При влез на граничен премин за воздушен сообраќај, од Меѓународен Аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, не е потребно да се приложи медицинска потврда од направен ПЦР тест, имајќи предвид дека странскиот државјанин транзитира низ територија на Република Северна Македонија, односно потребно е само да потпише изјава и во рок од три часа мора да ја напушти територијата на државата.
При влез на копнен граничен премин, а со цел излез на граничен премин за воздушен сообраќај, од Меѓународен Аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, потребно е задолжително да се прикаже авионски билет (електронски билет) и да се потпише изјава за транзит и во рок од три часа мора да ја напушти територијата на државата“, стои во одлуката.
За организиран автобуски превоз или меѓународни транзитни редовни линии, дозволен е влез за транзит, при што не е потребно приложување на медицинска потврда од направен ПЦР тест, а територијата на државата мора да се напушти во рок од пет часа, со потпишување изјава за транзит. За професионалните превозници не е потребно приложување ПЦР тест, само е задолжително почитување на протоколот за вршење на меѓународен превоз.
Државјаните на Република Србија, Република Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина кои имаат регулиран привремен или постојан престој во Република Северна Македонија, при секој влез во државата задолжително да приложат медицинска потврда со негативен резултат од ПЦР тест, направен 72 часа пред влез во државата. Странските дипломати пак од овие земји, акредитирани во Република Северна Македонија, како и членови на нивните семејства, при влез во државата не е потребно да приложуваат медицинска потврда од направен ПЦР тест.