Неизвесни времиња за жените во Авганистан

Два дена откако талибанците ја презедоа контролата врз Кабул, главниот град на Авганистан, жените водителки се вратија на дел од ТВ каналите, откако беа тргнати од етер додека милитантите ја преземаа земјата.

Од ТВ Толо, канал кој претходно емитуваше мешавина од прозападна програма, сапуници и натпревари за таленти, изјавија дека во тоа постоел неизвесност за тоа што ќе се случи и привремено ги отстраниле нивните водителки од каналот.

Сијар Сират, новинар на Толо вести истакнува дека работите изгледа како да се враќаат во нормала, со „ вообичаените ресурси во канцеларијата, имаме жени на екранот и известуваме од целиот град“.

Едно од клучните прашања сега е тоа што ќе се случи со Авганистанките – тие се уште се видливи на ТВ екраните, а Талибанците ветија дека ќе се почитуваат нивните права.

На Аеродромот во Кабул не можеа да се видат голем број на жени, кога многумина се собраа на пистата во очајнички обид да излезат од земјата.

Во понеделникот, добитничката на Нобеловата награда за мир Малала Јусафзаи, која беше застрелана од талибанците на само 15 години, поради кампањата за образование на девојчињата во Пакистан – изрази загриженост за ситуацијата и за безбедноста на жените и девојчињата во Авганистан.

„Имав можност да разговарам со неколку активисти во Авганистан, вклучително и активистки за женски права и тие исто така ја споделуваат загриженоста дека не се сигурни каков ќе биде нивниот живот“, изјави Јусафзаи за Би -Би -Си.

Портпаролот на Талибанците Сухаил Шахин изјави дека ќе се почитуваат правата на жените и малцинствата „според авганистанските норми и исламските вредности“.

Во вторникот, талибанците прогласија амнестија во Авганистан и рекоа дека сакаат жените да му се придружат на владата.

Пејванд Сејед Али во моментов живее и работи како консултант за образование во Кабул во последните 10 години. Таа е висок советник на Шведскиот комитет за Авганистан, а исто така го предводела најголемиот образовен фонд на владата на Обединетото кралство во Авганистан.

„Мислам дека не е корисно да се прашуваме или да имаме очекувања за тоа што ќе направат талибанците кога станува збор за правата и образованието на жените. Мораме да работиме со она што го имаме, а она што го имаме вклучува и ветувања на високо ниво, дека жените ќе имаат пристап до образование и работа. Она што има смисла е да се третираат овие ветувања како обврски и да се работи активно со талибанското раководство за да се пронајдат решенија коишто ќе ги задржат девојчињата на училиште и жените на работа“, рече таа за Би Би -Си.

Таа рекла дека отчетноста ќе биде клучна.

„Буџетот на Министерството за образование, вклучувајќи ги и сите плати на вработените, е речиси целосно финансиран од донатори, вклучително и голем дел олеснет од Светска банка. Остануваат целите, индикаторите, мерките и отчетноста и сите ние треба да работиме со секоја нова влада кон компромиси за да ги исполниме развојните цели и да ги задржиме нашите деца на училиште. Досега повеќето женските училишта останаа отворени или повторно се отвораат, иако со кадровски промени и големи отсуства. Персоналот од округот и провинцијата во најголем дел продолжуваат да работат”.

„Во повеќе рурални области, имам веродостојни извештаи дека најголемата невладина организација во земјата, Шведскиот комитет во Авганистан повторно ги отвори речиси сите училишта за девојчиња. Така и повеќето други невладини организации кои го поддржуваат образованието во заедницата. Многу од овие училишта во заедницата имаа одредено вклучување на талибанците од почетокот. Повеќето инсистираа на женски учители со години “.

Таа ќе остане во Кабул и вели дека жените околу неа се главно дома, но претпазливо планираат посети и излегувања во наредните денови.

Активистката Паштана Дурани вели дека луѓето мора да бидат претпазливи.

„За почеток, мора да разберете дека она што го велат и што го практикуваат, се две различни работи“, рече таа за Би -Би -Си.

„Девојки во Херат, не биле во можност да одат на нивните универзитети, од девојките во Кандахар беше побарано да си одат во нивниот дом и нивните машки роднини биле замолени да ги пополнат работните места во банката.

„Значи… тие (талибанците) бараат легитимитет од сите овие различни земји, за да бидат прифатени како легитимна влада на Авганистан, но потоа во исто време, што прават во пракса? Или немаат контрола врз своите војници, или навистина сакаат легитимитет, но не се подготвени да ја завршат работата. Тоа се две различни работи “.

Дурани, исто така, посочува дека кога талибанците зборуваат за правата на жените, тие зборуваат за нив во нејасни термини: дали тие права на движење, права за социјализација, политички права, избирачки права? Не е јасно дали се работи за сите, или само за дел од тие права, вели таа.

Жените и девојките во Авганистан сега мора да чекаат да видат како ќе тече животот под власта на талибанците, бидејќи стравувањата и неизвесностите остануваат додека нема влада што ќе преземе одговорност.