Недоволно се вложува во обновливи извори на енергија, 640 луѓе умираат годишно од аерозагадување

Македонија е лидер во регионот во реформите за енергетскиот сектор и во производството на сончева енергија, сепак 640 луѓе умираат годишно поради загадување на воздух, а како најголем загадувач се токму енергетските капацитети. Еколошките организации очекуваат 60 отсто од вкупната електрична енергија до 2050 година да биде од сонце, 10 отсто од ветер, а 20 отсто хидроенергија, но реалноста е поинаква. Во моментов, 60 отсто од вкупната електрична енергија во државата се должи на јаглен, а државата планира да отвора нови електрични централи и негови ископувања.

Овие податоци денеска ги претстави Соња Ристеска, истражувач координатор во Аналитика тинк-тенк, која нагласи дека резултатите од истражувањето се четиригодишна напорна работа на 17 граѓански организации од цела Југоисточна Европа, кои понудија алтернатива за енергетската иднина.

„Загадувањето во Македонија е превисоко, губиме околу 640 човечки животи годишно поради загадување на воздухот, од различни причини, но според податоците, најголем загадувач е енергетскиот сектор. Државата имаше доста време да инвестира. Ние сметаме дека Македонија, како и сите земји од Југоисточна Европа, треба уште веднаш сериозно да се зафатат со работа и алтернативни планови, бидејќи ние веќе го потпишавме договорот од Париз, се обврзавме да ги намалиме емисиите на гасови“, рече Ристеска.

Таа вели дека чекорите кои државата ги прави со гасификацијата не се доволни за да го надминат проблемот со загадувањето.

„Ние сметаме дека има недоволно вложен труд во развој на обновливите извори на енергија и во енергетската ефикасност. Она што нашето истражување го покажува е дека кога ќе се споредат парично, ако инвестираме во јаглен и ако инвестираме во обновливи извори, како во велосипедизам, енергетска ефикасност, во електронски возила, е скоро иста сумата, околу четири милијарди евра до 2050 година“, објасни таа.

Ристеска нагласи дека очекувањата на организациите кои го спроведија истражувањето е до 2050 година да се намалат штетните емисии за 76 отсто, но за тоа, според неа, потребно е регионално здружување.

Ристеска го презентира истражувањето

„Државата прави планови за изградба на нови електрани на јаглен и нови ископи за јаглен, но ние сметаме дека тие пари не треба да се заробат во вакви нечиста енергија, особено кога веќе сме се обврзале на договор да ги намалиме емисиите, дека треба да се инвестира, не само во производство на чиста електрична енергија , туку и во инвестиции во домаќинставата како најголеми потрошувачи на енергија во топлинска енергија во регионот. Сите ги знаеме проблемите во зимскиот период со греењето на дрва, со енергетската сиромаштија којашто е некаде над 50 отсто од домаќинствата, така што ние со нашите документи даваме алтернатива како да се решат овие проблеми“, повлече Ристеска.

Според Лилјана Поповска, претседателка на партијата ДОМ, постојат голем број на алтернативи со кои би се намалило загадувањето на воздухот, а истовремено би било економски прифатлива опција за граѓаните.

„Потребен ни е закон со којшто секое домаќинство ќе може да биде производител на енергија за да може да се монтираат и фотоволтаици. Тоа го има Германија и ред други западноевропски земји, каде што може меѓусебно да си позајмуваат, да си ја трошат енергијата за свои потреби , да даваат во околината, а остатокот да оди во вкупната мрежа. Тоа не се комплицирани зафати, тоа се прави, има светско искуство и со тоа пропаѓа аргументот на оние коишто се против обновливите енергии. Цената за монтажа и за производство на електрична енергија од сонце е драматично намалена затоа што има модерни технологии“, смета Поповска.

Од друга страна, директорот на Агенцијата за енергетика Александар Дуковски, вели дека се согласува со дел од статистиките, но е одлучен дека Македонија е рамо до рамо со голем број на земјите од Европа, кои ги исполнуваат критериумите за намалување на штетните емисии во воздухот.

„Сакам да укажам дека убаво е да се стремиме како земјите од Европската Унија, но не секогаш треба да го следиме нивниот пример. Нашиот фокус би требало да биде на она што тек следи, Европска унија има своја визија за енергетика до 2030 година и 2050 и ние како земја аспиранти да бидеме дел од тоа европско семејство би требало тие насоки и стратегија полека да ги земеме како наши. Но, најголемите инвеститори мора да бидат граѓаните, бидејќи 45 отсто од енергијата во државата е директно конзумирана од домаќинствата“, рече Дуковски.

Тој ги спомена и долгонајавуваните хидроцентрали „Чебрен“ и „Галиште“, за кои рече дека се императив да бидат изградени, иако тие проекти веќе 30 години се само желба.

Димитар Малиновски од Делегацијата на ЕУ во Скопје смета дека на Македонија и престојат бројни предизвици во однос на емисиите на јаглен, старата инфраструктура, производството и преносот на електричната енергија, како и подготвеноста на системите со цел да се обезбедат долгорочни природни снабдувања со енергија.

„Вистинскиот предизвик останува пред Владата и ресорните министерств,а кои треба да донесат во следниот период тешки политички одлуки со либеризацијата на пазарот на електрична енергија и вклучување на земјата во сите регионални иницијативи кои се имплементираат, како и поттикнување на инвестиции за енергетска ефикасност“, рече Малиновски.

Е.П.