Недела на полски филм: светот на Кшиштоф Кјешловски во Кинотека

На 25 ноември во Кинотеката на Северна Македонија започнува неделата на полски филм, со осврт на филмовите на познатиот режисер Кшиштоф Кјешловски.  Ќе биде прикажана неговата трилогија „Три бои“, како и неговите долгометражни филмови како „Двојниот живот на Вероника“, „Безкрај“, „Лузна“ и „Аматер“.
Иако за Кшиштоф Кјешловски (1941-1996), полски режисер со светско реноме, автор на дваесетина долгометражни играни филмови е пишувано многу, секогаш може да се најде некој нов, необичен поглед, пишуваат од Кинотеката.

„…Кјешловски остави зад себе потресни кинематографски сведоштва за она што на луѓето денес најмногу им недостасува – сочувство. Авторот на величествениот ДЕКАЛОГ (1998), серијал сработен според моделот на десетте божји заповеди кој е сместен меѓу обичните луѓе со нивните секојдневни дилеми, и трилогијата ТРИ БОИ, знаејќи дека луѓето се смртни, не ги ослободува своите јунаци, туку ги насликува во најтешкиот затвор – нивната сопствена кожа. Филмовите на Кјешловски личат на обид да се сопре крвта која капе од носот. Но, фасциниран со трогателната едноставност на тоа што го гледа, гледачот не го зема марамчето и не ја сопира крвта“.

Се чини дека во овој извадок од еден есеј за Кјешловски е кажана суштината на неговите дела. Сите историчари и хроничари на неговата филмографија го истакнуваат цврстиот христијански (католички) став што Кјешловски го има кога ни ги претставува луѓето и настаните, без разлика што поголемиот дел од неговото творештво е реализирано во некогашна социјалистичка Полска.

Кшиштоф Кјешловски, заедно со неговите постари колеги Роман Полански и Анджеј Вајда, спаѓа во најсјајната тројка автори излезени од славната Филмска школа во Лоѓ. Кјешловски дури од третиот обид успеал да се запише на таа школа, дипломирал во 1969, и започнал со снимање на документарни филмови. Документаризмот, на некој начин, го обележува и неговиот стил во играната продукција: ликовите од неговите филмови како да ги знаеме, како да се наши соседи, без разлика што говорат на друг јазик.

„Лузна“ (Blizna, 1976) е негов дебитантски филм во долгометражната играна продукција, по кој следува „Киноаматер“ (Amator, 1979).  „Двојниот живот  на Вероника“ (La double vie de Véronique, 1991) е неговиот прв филм снимен во копродукција со Франција, како и подоцнежната трилогија „Три бои: сино, бело и црвено“. Со оваа трилогија Кјешловски дефинитивно заседнува на европскиот филмски трон:  „Три бои: сино“ доби „Златен лав“ во Венеција (1993), а „Три бои: бело“ ја доби наградата „Сребрена мечка“ на Берлинале (1994). Во 1995 филмот имаше три номинации за наградата Оскар.

Проследете ја програмата и распоредот на филмовите тука.