„Не да(ви)мо Београд“ побара оставка од градоначалникот, избегнат инцидент со неколку контрадемонстранти

Пред општинската зграда во српската престолнина вчера се одржа уште еден протест на иницијативата „Не да(ви)мо Београд“, чии претставници повторно побараа оставка од градоначалникот.

„Синиша Мали не смее да остане градоначалник на Белград“, порачаа од иницијативата.

Радомир Лазовиќ од иницијативата рече дека поддршка за протестот имаат од повеќе синдикати како: Полицискиот синдикат на Србија, Воениот синдикат на Србија, синдикалната организација „Стоп за оружјето“ и Независниот синдикат на просветните работници на Војводина.

Пред насобраните на платото пред градското Собрание се обрати и Весна Ракиќ Водинелиќ, како и други активисти, а на протестот присуствуваа и лидерот на демократите, Драган Шутановиќ, шефот на белградскиот одбор Балша Божовиќ и пратеникот Ѓорѓе Вукадиновиќ.

Граѓаните маршираа со транспаренти со грбот на Белград, на кој е нацртана жолта патка, симболот на протестите на иницијативата, со порака „Слободен град“.

Но, за време на протестот беше избегнат инцидент откако неколку контрадемонстранти вееја транспаренти на кои пишуваше „Шетачи за девизи“ и „Стигнаа доларите“.

Тие се довикувале со колоната која марширала, кога еден од претставниците на иницијативата се обидел да им одземе транспарент. Тогаш настанала мала турканица на што веднаш интервенирале полицијата и редарите на протестниот собир.

Претходно, премиерот Александар Вучиќ изјави дека позицијата на градоначалникот на Белград, не е лесна и дека не е долгорочно одржлива.

„Многу е тешко Синиша Мали да биде на тоа место уште долго“, рече Вучиќ гостувајќи на РТС и додаде дека Мали нема да биде кандидат за следните избори, од партијата што тој ја води.